Со овие зборови започна говорот на активистката на отворањето на шестата по ред Парада на гордоста во Скопје, што се одржа на 21 јуни 2025. Насобраниот народ, квир и неквир заедно, ја исполнија локацијата пред паркот „Жена-борец“, со јасна порака: „Ќе (оп)стоиме заедно!“ – не само како преживување, туку како чин на пркос и одлучност.
„Ние не нудиме бегство од реалноста. Ние нудиме алтернатива. Нашиот отпор не е хаос – тоа е јасен и артикулиран предлог за свет без експлоатација, без страв, без контрола.“
Говорот остро ја критикуваше системската дискриминација и молкот на институциите – особено во образованието, каде ЛГБТИК+ младите сè почесто се бришат од програмите и јавниот дискурс.

„Ова не е заборав. Ова е свесна цензура. Министерството за образование не е само пасивен набљудувач – тоа активно го избриша нашето постоење од училишните клупи. Премиерот го промовира системот на идеолошка индоктринација во кој не постои простор за критичко мислење, родова еднаквост и различност. Тоа не е грижа за децата, туку грижа за одржување на еден поредок кој нè исклучува.“
Меѓу најгласните аплаузи од публиката се издвои моментот кога беше истакнато долгогодишното одолговлекување на законот за правно признавање на родот – закон кој и покрај иницијативата поднесена од седум пратенички, веќе две години е заглавен без расправа, без одговорност, без напредок.
„Ова не е бирократски пропуст. Ова е државна одлука. Ова е свесна одлука да се продолжи насилството врз транс луѓето – да се принудат да живеат без правна потврда на својот идентитет. Тоа е системска тортура, не административна грешка.“
Во момент на колективна тишина, активистката ја заврши својата порака со зборови кои ќе останат долго запаметени:
„Кога државата повикува на повеќе деца, повикува на повеќе покорни тела. Ние не сме покорни. Ние сме тука – не како статистика, туку како политички чин. Не како закана, туку како алтернатива. Не бараме дозвола да постоиме – ние веќе постоиме. И не само што ќе опстоиме – туку ќе опстоиме заедно.“