Општина Гази Баба денеска објави повик за доделување 25 стипендии на талентирани ученици, 25 за ученици спортисти и 5 стипендии за ученици со посебни образовни потреби за учебната 2024/2025.
Стипендијата изнесува 3 илјади денари месечно.„Во сумата не е пресметан персоналниот данок, кој го пресметува и плаќа општина Гази Баба“, стои во повикот на општината.
Стипендијата ќе се исплаќа од први до петти во текот на месецот за претходниот месец, девет месеци во текот на учебната година почнувајќи од месец октомври од тековната календарска година заклучно со месец јуни од наредната календарска година.
Според Правилникот, право на стипендија може да остварат повеќе ученици од едно семејство доколку ги исполнуваат условите и критериумите утврдени со него. Доколку талентираниот ученик, ученикот спортист или ученикот со посебни образовни потреби ја добие стипендијата, не може да добие финансиски средства од други јавни повици на општина Гази Баба.
Право на доделување стипендија на талентиран ученик, ученик спортист и ученици со посебни образовни потреби има секој редовен ученик кој е запишан во општинско основно училиште на подрачјето на општина Гази Баба, не прима друг кредит или стипендија од општината или од друг давател и има континуирано одличен успех.
Ученикот спортист треба да ги исполнува првите два услови, како и да е член на здружение за спорт или индивидуален спортист и да се бави активно со спорт.
Повикот е отворен до 17 октомври.