Општина Центар објави повик за поддршка на социјални услуги за ранливи групи

Општина Центар објави јавен повик за поддршка на проекти насочени кон обезбедување социјални услуги за ранливите категории на граѓани.

Овој повик има за цел да го подобри пристапот до социјална помош, со посебен фокус на три главни области: психосоцијална поддршка за жртви на насилство, услуги за млади изложени на ризик од зависности и индивидуализирана грижа за деца со попречености.


„Живееме во време кога младите се изложени на различни предизвици, меѓу кои агресијата, дрогата, отуѓувањето. Инцијативата е насочена кон обезбедување стручна поддршка за нив, но и за другите ранливи групи, како што се деца и жени жртви на родово насилство и деца со попреченост. Преку ваквата помош имаме за цел да ја поттикнеме социјалната вклученост и инклузивност на сите на кои им е потребна“, изјави градоначалникот Герасимовски.

На повикот можат да се пријават здруженија на граѓани со седиште во Општина Центар, кои се регистрирани и активни најмалку една година, поседуваат лиценца од Министерството за труд и социјална политика или имаат потврда за испорака на специфична услуга, како и релевантно искуство во областа на социјалните услуги.

Апликациската документација, заедно со листата на потребни документи, е достапна на официјалната веб-страница на Општина Центар.

Комплетираните пријави треба да се поднесат во Архивата на Општината или да се испратат по пошта во рок од 10 дена од денот на објавување на повикот.

Овој повик е дел од Програмата за здравствена, социјална и заштита на децата за 2025 година, со која се утврдуваат приоритетите за поддршка на социјалните услуги и сервиси за граѓаните на Општина Центар.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни