Во изминатите години, општина Центар успеа да ги реновира сите основни училишта што се наоѓаат на нејзина територија.
Со четири нови училници, опремени по најнови стандарди е проширено основното училиште „Коле Неделковски“ во Дебар Маало, додека пак во најстарото училиште во државата „Кирил и Методиј“ се поставуваат фотоволтаици на покривот што ќе придонесе за помали сметки за училиштето.
Дополнително, пред извесно време во употреба беше пуштена и новоизградената градинка „Пролет“ во истоимената населба која згрижува 173 дечиња.
„Ја изградивме од буџетски средства, без помош од страна. Највисоки стандарди, по најниска цена на градба. За мене, и за Вас, најважно е да ги воведем највисоките стандарди за нашите најмили, за да нивните родители се спокојни, да можат да работат и да добијат најдобра грижа за децата. Воведовме новина, дечињата да можат да останат и подолго во градинките, за да дополнително им помогнеме на родителите. Покрај новата градинка, сите постоечки градинки, целосно ги реновиравме. Со нови фасади, со вистинска енергетска ефикасност, со најдобри внатрешни услови и со воведување на предучилишно образование“ порача на денешната прес-конференција градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски.
Меѓу реализираните проекти, Герасимовски на прес-конференцијата ги издвои обновените спортски терени и новоизградените детски игралишта.
„Ги обновивме отворените спортски терени и многу важно, ги обновивме и изградивме нови детски игралишта, со разновидни и безбедни реквизити, кои се вистински детски оази во нашиот Центар“, потенцираше Герасимовски.
Герасимовски, потенцираше и дека од самиот почеток во своето работење се водел од лични и семејни вредности и принципи.
„Принципи на чесност, скромност, на вредности на макотрпна работа, на вреден труд, на почитување на сите луѓе, на прифаќање на разликите, на обврската да помогнеме, да бидеме солидарни, толерантни, да имаме дијалог и разбирање, да имаме верба, да покажеме емоција кон сите и кон нашата околина и природа,“ истакна тој.