Oпозицијата обвини: „Денес е еден од најтешките денови за хрватската демократија“

Левата опозиција во Хрватска го обвини премиерот Пленковиќ за уставен удар, злоупотреба на спортот и полицијата поради спорниот дочек на ракометарите во Загреб.
epa12685825 Croatian fans celebrate after the EHF EURO 2026 men's handball main round match between Slovenia and Croatia, in Malmo, Sweden, 27 January 2026. EPA/JOHAN NILSSON SWEDEN OUT SWEDEN OUT

„Денес е особено тежок, ако не и еден од најтешките денови за хрватската демократија во поствоениот период“, изјави пратеничката и претседателка на Клубот на Можемо!, Сандра Бенчиќ, обвинувајќи го премиерот Андреј Пленковиќ за уставен удар, институционално насилство и злоупотреба на спортот и полицијата.

На прес-конференција во Хрватскиот сабор, пратениците од левата опозиција реагираа поради одлуката на Владата, заедно со Хрватскиот ракометен сојуз (ХРС), да го организира дочекот на бронзените ракометари во Загреб без согласност на Градот Загреб.

Бенчиќ истакна дека градоначалникот Томислав Томашeвиќ уште неколку дена пред освојувањето на бронзениот медал на Европското првенство ги договорил сите детали за дочекот со ХРС – од програмата до изборот на изведувачи. Но, откако тоа било јавно објавено, ХРС испратил порака дека го одбива дочекот доколку на него не настапи Марко Перковиќ Томпсон.

„Сега е јасно дека оваа операција беше однапред планирана и наместена од ХДЗ“, оцени Бенчиќ.

Таа потсети дека постои одлука на Градското собрание на Загреб со која се забранува настап на лица кои јавно го извикуваат усташкиот поздрав „За дом спремни“, додавајќи дека Владата, спротивно на Уставот и законите, ја презела организацијата на настанот, свесно кршејќи ја автономијата на локалната самоуправа.

„Томпсон можел да пее во Загреб секогаш доколку не го извикувал усташкиот, нацистички поздрав и не промовирал симболи на НДХ. Нему му е поважна политичката порака отколку спортот“, рече Бенчиќ, прашувајќи каква порака испраќа премиерот кога застанува зад тоа.

Обвинувања за злоупотреба на полицијата

Бенчиќ дополнително нагласи дека Пленковиќ, освен што ги инструментализирал спортистите и нивниот успех, ја злоупотребил и полицијата, која, според неа, на плоштадот Бан Јелачиќ им попречувала на градските служби да ја вршат својата работа.

„Полицијата учествуваше во спроведување на противзаконска одлука на Владата, спротивно на Законот за јавни собири и без дозвола на Градот Загреб“, рече таа.

Таа се осврна и на полицискиот упад во просториите на партијата Моžemo! и во Градската управа, наведувајќи дека образложенијата за закани и дојава за бомба биле контрадикторни и несоодветни.

„По ова, можеме слободно да кажеме дека имаме Влада која дејствува надвор од Уставот и законите“, оцени Бенчиќ, повикувајќи го Уставниот суд итно да реагира.

Остра реакција и од другите опозициски лидери

Претседателот на СДП, Синиша Хајдаш Дончиќ, изјави дека Пленковиќ, наместо да ги смирува тензиите, ја дели Хрватска и свесно саботира веќе договорен компромис. Тој најави дека повеќе не постои можност за разговор со ХДЗ околу изборот на уставни судии.

Пратеничката Анка Мрак Тариташ оцени дека Владата „го фрлила Уставот на земја, плукнала врз него и симболично го запалила“, додека Далија Орешковиќ настаните ги оцени како напад на „профашистичка Хрватска врз уставната и демократска држава“.

Иако физички не присуствуваше, поддршка на ставовите на левата опозиција изрази и Марјана Пуљак од партијата Центар.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни