Џони Ајв е еден од највлијателните дизајнери на модерната ера. Во Apple мина речиси 30 години, играјќи клучна улога во развојот на производи како iPhone, iPad и MacBook. Од компанијата замина во 2019 година и оттогаш работи на независни проекти преку својот дизајн-студио и новоформираниот стартап Io.
Информациите за можната соработка меѓу Ајв и OpenAI се појавија уште во 2023 година, кога беше објавено дека со извршниот директор на OpenAI, Сем Алтман, работат на создавање на нов уред што ќе биде поинтуитивен и поефикасен за користење на вештачка интелигенција од сегашните паметни телефони.
Иако деталите за уредот сè уште се држат во тајност, познато е дека станува збор за иновативен џебен уред без екран, кој ќе може да се прилагодува на контекстот и ситуацијата во која се користи. Извори од индустријата нагласуваат дека не станува збор за паметни очила, туку за нешто сосема ново што би можело радикално да го промени начинот на кој комуницираме со технологијата.
„Имаме шанса да направиме нешто навистина големо – можеби и најголемото досега во историјата на OpenAI“, изјавил Алтман пред вработените, според напис на Wall Street Journal.
Новото уредување и комерцијализацијата на производот се очекува да се случат до крајот на 2026 година. Со оваа аквизиција, OpenAI прави сериозен чекор кон проширување на своето присуство надвор од софтверот, директно влегувајќи во сферата на хардвер и индустриски дизајн.
Останува да се види дали визијата на Ајв и технолошкиот капацитет на OpenAI ќе резултираат со уред што ќе го редефинира нашето секојдневно искуство со вештачката интелигенција.