OpenAI ја претстави новата функционалност ChatGPT Health, наменета за корисници кои сакаат да ги следат и подобро да ги разбираат своите здравствени податоци на едно место. Оваа посебна секција овозможува поврзување со популарни здравствени апликации како Apple Health, MyFitnessPal, Weight Watchers, Peloton и други.
Според OpenAI, ChatGPT Health е развиен во соработка со лекари, со цел да им помогне на корисниците активно да учествуваат во управувањето со своето здравје. Особено се нагласува приватноста и безбедноста на податоците – разговорите на корисниците нема да се користат за тренирање нови модели на chatbot.
„Health е наменет како поддршка, а не замена за медицинска грижа. Не е наменет за дијагностицирање или лекување, туку помага да се разберат промени во здравјето со тек на време и да се подготвите за важни разговори со лекари“, соопшти OpenAI.
ChatGPT Health е моментално достапен за ограничен број корисници надвор од Европската економска зона, Швајцарија и Обединетото Кралство. Заинтересираните можат да се пријават на листата на чекање на официјалната страница на OpenAI.
