Анализа на The Wall Street Journal открива дека OpenAI исплаќа рекордно високи пакети на компензација базирани на акции, кои значително ги надминуваат оние на Google и другите големи технолошки компании.
Компензацијата заснована на акции во OpenAI во просек изнесува околу 1,5 милиони американски долари по вработен, ако се земе предвид вкупната работна сила од приближно 4.000 луѓе. Со цел да го задржи водството во трката за вештачка интелигенција, OpenAI доделува огромни пакети акции на врвни истражувачи и инженери, правејќи ги меѓу најбогатите вработени во Силиконската Долина.
Овој износ е повеќе од седум пати поголем од компензацијата базирана на акции што Google ја пријавил во 2003 година, непосредно пред поднесувањето барање за иницијална јавна понуда (IPO) во 2004 година. Истовремено, износот од 1,5 милиони долари е околу 34 пати поголем од просечната компензација на вработените во 18 други големи технолошки компании во годината пред нивното излегување на берза, покажува анализата на Wall Street Journal врз основа на податоци собрани од компанијата Equilar.
Рекордни бројки, но и големи загуби
Анализата ги опфаќа и најголемите технолошки IPO-и во последните 25 години, при што компензациските бројки се прилагодени на инфлацијата и пресметани во долари од 2025 година. Сепак, овие дарежливи пакети акции дополнително ги зголемуваат големите оперативни загуби на компанијата и брзо ги разредуваат уделите на постојните акционери. Портпарол на OpenAI одби да ги коментира овие наводи.
„Виновникот“ е – Закерберг
Како што трката во „вооружување“ со вештачка интелигенција се интензивираше во текот на летото, водечките лаборатории, меѓу кои и OpenAI, се соочија со притисок да ги зголемат платите на вработените. Ова уследи откако извршниот директор на Meta, Марк Закерберг, почна да нуди платни пакети вредни стотици милиони долари, а во некои ретки случаи и до една милијарда долари, на врвни менаџери и истражувачи од конкурентските компании.
Офанзивата на Закерберг во регрутирањето привлече повеќе од 20 вработени од OpenAI, меѓу кои и еден од ко-креаторите на ChatGPT, Шенгџија Жао. Како одговор, OpenAI во август на дел од своите истражувачи и инженери им додели еднократни бонуси, при што некои вработени добиле милионски износи.
Компензациите ќе продолжат да растат
Финансиските податоци, споделени со инвеститорите во текот на летото, покажуваат дека се очекува компензацијата базирана на акции во OpenAI да расте за околу три милијарди долари годишно до 2030 година. Компанијата неодамна ги информираше вработените дека ќе ја укине политиката според која тие мораа да работат најмалку шест месеци пред да стекнат право на акции, што би можело дополнително да ги зголеми трошоците за компензација.
Се предвидуваше дека компензацијата на OpenAI, како процент од приходите, ќе достигне 46 отсто во 2025 година, што е највисок удел меѓу сите 18 анализирани компании, со исклучок на Rivian, кој немал приходи една година пред својот IPO.
За споредба:
- Palantir – 33% од приходите една година пред IPO (2020),
- Google – 15%,
- Facebook – 6%.
Во просек, кај технолошките компании што ги анализирал Wall Street Journal, компензацијата базирана на акции изнесувала околу 6% од приходите во годината пред нивното излегување на берза.
