Според дипломатски извори на германската новинска агенција ДПА, состанокот е закажан откако шест лица, вклучувајќи го и синот на Калил ал-Хаја — висок претставник на Хамас во странство — загинаа во воздушен напад што Израел го изведе во текот на вчерашниот ден. Меѓу загинатите бил и шефот на кабинетот на Ал-Хаја.
Катар остро го осуди нападот, нарекувајќи го „очигледно кршење на сите меѓународни закони и норми“ и „сериозна закана за безбедноста на населението“. Катарските власти побараа итно објаснување од израелската страна и предупредија дека нападот би можел да ја загрози улогата на земјата како посредник во израелско-палестинскиот конфликт.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го оправда нападот како „легитимен одговор“ на неодамнешните напади на Хамас, вклучувајќи го и вооружениот инцидент во Ерусалим во понеделникот, во кој беа убиени шест израелски цивили, како и напад врз војници во Газа.
Катар, заедно со Египет и САД, има значајна посредничка улога во тековната војна меѓу Израел и Хамас, иако обидите за договор за прекин на огнот се блокирани веќе неколку месеци.
Нападот во Доха предизвика бран реакции од меѓународната заедница. Арапските држави упатија колективна осуда, а критики стигнаа и од американскиот претседател Доналд Трамп и германскиот канцелар Фридрих Мерц, кои повикаа на воздржаност и почитување на меѓународното право.
Очекувањата се дека денешната седница на Советот за безбедност ќе биде исклучително напната, со оглед на сложените односи меѓу постојаните членки и различните ставови околу израелско-палестинскиот конфликт.
Извор: Независен.мк