Милиони луѓе ширум светот секојдневно посегнуваат по капсули со рибино масло и Омега-3 суплементи, уверени дека така го штитат срцето, го намалуваат воспалението или го подобруваат општото здравје. Иако Омега-3 масните киселини (EPA и DHA) се навистина есенцијални за човековиот организам, најновите научни анализи отвораат сериозно прашање: дали капсулите навистина го прават тоа што производителите го ветуваат?
Најголемата досегашна мета-анализа, Cochrane студијата од 2020 година, која опфатила речиси 163.000 учесници, покажала дека редовното земање Омега-3 суплементи има минимален или никаков ефект врз ризикот од смртоносни или акутни кардиоваскуларни настани. Според кардиологот проф. Дирк Вестерман, кој работи на Универзитетската клиника во Фрајбург, дури и ниските дози на суплементи кои се најчести на пазарот, не покажуваат значајна заштита кај неговите пациенти. Затоа, тој отворено советува да не се користат без јасна медицинска препорака.
Сепак, науката нуди и понијансирана слика: не е проблемот во Омега-3 како концепт, туку во формата во која најчесто ја консумираме. Истражувачи од Универзитетот во Диселдорф покажале дека заштитниот ефект се јавува исклучиво кога се користи високо прочистена и високодоразирана EPA, една од двете клучни Омега-3 киселини. Сите студии што покажале заштита на срцето користеле чист EPA, додека сите студии со мешавини од EPA и DHA не покажале значаен ефект. Според кардиологот д-р Филип Мурикис, причината е во механизмот: EPA го инхибира прекумерното лепење на тромбоцитите, процес кој е директно поврзан со создавање тромб и ризик од срцев или мозочен удар.
Но токму овде се појавува и најголемата контрадикција: препаратите со чист EPA, кои во Германија покажале реални резултати, биле повлечени од пазарот поради административни несогласувања околу цената меѓу производителите и здравствените фондови. Така, единствената форма што навистина функционира речиси не е достапна за просечниот пациент, додека на пазарот остануваат многу послабите и нерегулирани суплементи.
Дополнителна грижа предизвикува уште едно откритие: земањето Омега-3 суплементи без лекарски надзор може да го зголеми ризикот од атријална фибрилација односно нарушување на срцевиот ритам кое носи свои сериозни последици. Затоа германскиот Федерален институт за процена на ризици и кардиолозите предупредуваат дека лица со ризик од срцеви заболувања не смеат да земаат вакви додатоци без медицинска консултација.
Во отсуство на јасна корист од капсулите, најсигурниот начин да се обезбеди доволен внес на Омега-3 останува природната исхрана. Масните риби како лосос, харинга и туна, како и растителните извори ( ленено масло, масло од репка, чиа семе и ореви) обезбедуваат биолошки активни форми на масти кои организмот ги користи лесно и без ризик од несакани ефекти.
Иако суплементите изгледаат како едноставно решение, науката повторно потсетува дека здравјето е комплексна слика. Омега-3 навистина е витално важно да се козумира, но формата, дозата и контекстот во кој се земаат прават разлика меѓу реална добивка и производ што само изгледа здраво.
