На 15 јуни, во големата сала на Националната опера и балет, нашата публика ќе биде сведок на уникатно аудио-визуелно патување низ најдобрите музички мигови од филмската кариера на еден од највлијателните композитори на нашето време – Кирил Џајковски. Концертот е распродаден, а публиката ја очекува вечер исполнета со емоции, рефлексија, носталгија и моќно музичко доживување!
Првпат во живо, во придружба на голем филмски оркестар и врвни солисти, ќе биде изведена музика од култни домашни и меѓународни филмови како: „Големата вода“ – добитник на награда за најдобра филмска музика во Валенсија, „Прашина“, „Сенки“, „Балканот не е мртов“, „Врба“, „Бал-кан-кан“, „Piargy“– добитник на награда за најдобра филмска музика во Букурешт, „Трето полувреме“ и многу други.
Под диригентската палка на Џијан Емин, со учество на солистите Владимир Крстев, Ратко Даутовски, Антоние Весковски, Андреј Трајковски и Игор Иванов, концертот претставува ретроспектива на 25 годишното композиторско творештво за филм на Џајковски – музичко патување што не се пропушта.
Кирил Џајковски, oсвен што е еден од најценетите електронски артисти од регионот тој е и успешен композитор на филмска и театарска музика. Неговата визија и неговите исчекори се секогаш пионерски патокази за правците на развој на новите музички форми. Концертното издание на филмската музика на Кирил Џајковски се реализира со поддршка на: генералниот спонзор Комерцијална банка АД Скопје, спонзорот Зегин и Министерството за култура и туризам.