Меѓу нив е и 35-годишната Катерина Голиздра, чиј правен статус истекол во мај, по што автоматски станала подложна на депортација.
Голиздра останала без работна дозвола и морала да го напушти добро платениот менаџерски ангажман во хотел во Форт Лодердејл. Загубила и здравствено осигурување, а веќе не може да им праќа пари на блиските, вклучувајќи ја и мајка ѝ која живее во Германија. „Последните шест месеци се како трчање на тркало за хрчак“, вели таа и признава дека живее во постојан стрес и страв од апсење од имиграциските служби.
Истекување на статусот и масовни доцнења
Хуманитарниот програм, што го воведе претходниот претседател Џо Бајден во април 2022 година, овозможи речиси 260.000 Украинци да добијат привремен двегодишен престој и дозвола за работа во САД. Но доцнењата во обработката на барањата за продолжување на престојот оставиле речиси 200.000 луѓе во ризик – бројка што претходно не била јавно објавена.
Од јануари, администрацијата на Трамп ја паузираше обработката поради „безбедносни причини“. Иако во мај федерален судија нареди повторно процесирање, досега биле решени само 1.900 случаи – минимален дел од десетици илјади чии дозволи истекуваат до 31 март.
Многу Украинци останале без работа и приходи: Ројтерс разговарал со инженери, воспитувачи, финансиски планери, студенти – сите приморани да трошат заштеди, да земаат кредити или да зависат од заедницата. Некои напуштиле САД од страв од апсење и заминале за Канада, Европа или Јужна Америка. Враќањето во Украина, велат, не е опција.
„Самодепортации“ и нови финансиски бариери
Дел од Украинците се „самодепортирале“ за да избегнат притвор. Меѓу нив е и 31-годишниот Јевгениј Падафа, софтверски инженер од Бруклин. Откако неговото барање за продолжување статус останало нерешено, решил да ја користи државната апликација CBP One, преку која администрацијата на Трамп нудеше бесплатен лет и „излезен бонус“ од 1.000 долари.
Падафа планирал да замине во Аргентина, која има пониски трошоци на живот и програма за украински бегалци, но американскиот граничен службеник му рекол дека може да му резервира билет само за Украина. На крајот успеал да отпатува во Буенос Аирес со ограничени средства и размислува да го продаде својот лаптоп за да си обезбеди сместување. „Ако се вратам во Украина, ќе завршам на фронтот. Подобро е да сум бездомник некаде, отколку да се вратам назад“, вели тој.
Во меѓувреме, новиот пакет закони потпишан од Трамп во јули воведе дополнителен такси од 1.000 долари за обновување на хуманитарните дозволи – над веќе постоечкиот износ од 1.325 долари по лице.
Страв, неизвесност и зголемени контроли
Невладините организации и адвокатските мрежи велат дека бројот на случаи на притворање расте. Според Ан Смит од Украинската имиграциска работна група, луѓе биле апсени на работни места, за време на достави, како возачи на Убер или камиони, а имало и пошироки рации во Чикаго и Кливленд.
Конгресменот Мајк Квигли изјавил дека добил над 200 барања за помош од Украинци заглавени во правниот вакуум. „Ако нивната пријава не е завршена, тие стануваат ранливи на депортација“, предупредува тој.
Бела куќа ги препратила прашањата за програмата до Министерството за внатрешна безбедност, кое не дало коментар.
Извор: N1info.rs
