Околу 14 проценти од младите во ЕУ барем еднаш го напуштиле образованието

Околу 14,2 проценти од лицата на возраст од 15 до 34 години во Европската унија барем еднаш во текот на животот го напуштиле формалното образование или обука, покажуваат податоците собрани во 2024 година, објави Евростат.

Највисоки стапки на напуштање на образованието се евидентирани во Холандија, каде што изнесуваат 32,2 проценти, потоа во Данска со 27,1 процент, Луксембург со 24,8 проценти и Естонија со 24,4 проценти. Најниски стапки, пак, се забележани во Романија (1,5 проценти), Грција (2,2 проценти) и Бугарија (3,5 проценти).

На сите нивоа на образование, ниско, средно и високо, најчеста причина за незавршување на образовниот процес било тоа што програмата не ги исполнила очекувањата или била премногу тешка. Овој фактор го навеле 42,6 проценти од лицата кои го напуштиле формалното образование. Следуваат други семејни или лични причини со 18,5 проценти, како и склоност кон вработување, што ја навеле 13,8 проценти од испитаниците. Само 5,3 проценти како главна причина ги навеле финансиските тешкотии.

Причините поврзани со самата образовна програма се разликувале во зависност од нивото на образование. Тие сочинувале 28,7 проценти кај лицата со ниско ниво на образование, 35,9 проценти на средно ниво и дури 50,2 проценти на високо ниво на образование.

Од друга страна, причините поврзани со лична болест или инвалидитет биле почести кај лицата со пониско ниво на образование, каде што изнесувале 11,1 проценти, во споредба со 9,8 проценти на средно и 5,6 проценти на високо ниво.

Сличен тренд е забележан и кај другите семејни или лични причини, кои биле најизразени на ниско ниво на образование со 24,6 проценти, а нивното значење се намалувало со зголемување на образовното ниво, 21,8 проценти на средно и 15 проценти на високо ниво. Истото важи и за оние кои преферирале вработување, со 17,7 проценти на ниско, 15,7 проценти на средно и 11,9 проценти на високо ниво на образование.

Евростат наведува дека напуштањето на образовните програми од финансиски причини било почесто на високо ниво на образование, каде што изнесувало 5,7 проценти, во споредба со 4,8 проценти на средно ниво.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни