Контролираното намалување на внесот на калории може значително да ја зголеми ефикасноста на хемотерапијата кај пациенти со сарком, редок вид рак, покажува ново научно истражување.
Студијата, спроведена од истражувачи од Португалија и Бразил и објавена на Светскиот ден за борба против ракот, покажува дека намалување на калориите за околу 40 проценти доведува до значително намалување на волуменот на туморот и зголемена инхибиција на неговиот раст. Истовремено, калориската рестрикција ги штити здравите клетки од оштетувањата предизвикани од хемотерапијата.
Истражувачите објаснуваат дека со намален енергетски внес се ограничува „горивото“ што му е потребно на туморот за раст и размножување. Дополнително, ваквиот режим придонесува за подобра ДНК-репарација во здравите ткива и поволно влијае на метаболизмот на мастите.
Авторите на студијата нагласуваат дека краткотрајната калориска рестрикција, во комбинација со балансирана исхрана и редовна физичка активност, може да има значителни придобивки за пациентите за време на онколошкиот третман.
