Дали Одеса е следната мета? Стравувања од нов руски удар на југот

Интензивирани борби во источна и јужна Украина, анализите го насочуваат вниманието кон стратешкото значење на црноморскиот регион

Руските сили продолжуваат со офанзивни дејства на повеќе правци, додека Москва тврди дека линијата на фронтот постепено се поместува во нејзина корист. Според руски извори, напредувањето е особено изразено во делови од Донецката област и во Запорожје, каде што се водат интензивни борби.

Во меѓувреме, во аналитичките кругови сè почесто се поставува прашањето дали следната стратешка точка би можела да биде Одеса и поширокиот црноморски регион, пренесува Politika.rs. Како клучна точка и економски центар на југот на Украина, Одеса има значајна улога во извозот на жито и во контролата на поморските правци.

Одредени медиуми блиски до руската опозиција објавија дека Одеса наводно била „тргната од оперативните планови“ на рускиот Генералштаб поради високите ризици и трошоци од евентуална операција. Како аргумент се наведува проценка дека во Одеската област е воспоставена сеопфатна одбрана, способна да одговори на закани и од копно и од море. Сепак, за овие тврдења не се понудени конкретни докази, туку се повикуваат на анонимни извори.

Од украинска страна, реториката околу одбраната на јужните региони е засилена. Украински официјални претставници претходно соопштија дека Одеса и околината се подготвуваат за „периметарска одбрана“, што во дел од анализите се толкува како сигнал дека Киев очекува можност за ескалација токму на тој правец.

Според изјави на поединечни ветерани од украинските вооружени сили, единиците што би можеле да бидат ангажирани во одбраната на југот се соочуваат со кадровски предизвици. Се наведува дека одредени формации се пополнети меѓу 30 и 40 проценти, што во случај на поширока офанзива би претставувало сериозен предизвик за стабилна линија на одбрана. Истовремено, сè почесто се споменува ангажирање на припадници на територијалната одбрана во посложени борбени задачи.

Русија официјално не објавила планови за операција кон Одеса, но одредени изјави на руски функционери во изминатиот период оставаат простор за различни толкувања. Токму таа нејасност ги поттикнува шпекулациите и во Киев и во меѓународните дипломатски кругови.

Црноморскиот регион има исклучително стратешко значење – не само поради поморските коридори и економските интереси, туку и поради пошироката безбедносна архитектура на источна Европа. Потенцијална ескалација на тој правец би имала далекусежни последици за текот на војната.

Засега, и Москва и Киев внимателно ги мерат потезите. Дали Одеса навистина би можела да стане следната клучна точка на судир, останува прашање што е повеќе во доменот на геополитичките проценки отколку на официјално потврдени планови.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни