Под влијание на серија влажни воздушни бранови од Медитеранот, кои ќе бидат проследени со продор на постуден воздух од север, од утре попладне (вторник, 23 декември) во Македонија следува промена на времето.
Во деновите што следуваат времето ќе биде претежно облачно и релативно студено, со повремени локални врнежи од дожд, кои на места ќе бидат и пообилни. На планините, особено над 1300 метри надморска височина, дождот ќе преминува во снег, при што се очекува формирање на снежна покривка.
Ќе дува слаб до умерен ветер, најпрвин од југоисточен, а потоа од североисточен правец, кој повремено ќе засилува. Овие атмосферски услови ќе придонесат за намалување на маглата и загаденоста, особено во котлините.
Времето во Скопје
Во Скопје и околината, од утре попладне па во наредните денови времето ќе биде претежно облачно, со повремен локален дожд, додека на околните планини врнежите ќе преминуваат во снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, најпрвин од југоисточен, а потоа и од североисточен правец.
Утринските температури ќе се движат од -1 до 8 степени, со најстудени услови во повисоките и котлинските предели. Во текот на денот, температурите ќе се искачуваат умерено и ќе бидат во интервал од 4 до 11 степени, задржувајќи релативно свежо и студено време.
Во Скопје и околината, утрото ќе донесе температури околу 1 до 2 степени, додека преку ден максималната дневна температура ќе достигне околу 7 степени.