Од светот до Македонија: Како политиката и традицијата го контролираат женското тело?

Како насилството, ограничувањето на репродуктивните права и анти-родовите движења го прават женското тело бојно поле на политика и традиција?

Шест жени се убиени од јануари до ноември 2025 во Македонија. Според податоците на Еуростат за 2023 година, земјава е на трето место во Европа по бројот на фемициди, убиства на жени од нивните интимни партнери. На еден милион жители, регистрирани се 6 фемици, веднаш зад Латвија со 17 и Литванија со 10. За споредба, стапката во Европската унија е 4 жени на милион жители.

Според податоците на Министерството за внатрешни работи во периодот од 2018–2023, регистрирани се вкупно 6.242 кривични дела за семејно насилство, од кои 33 се убиство, 14 обиди за убиство, 3.792 телесни повреди и 155 тешки телесни повреди. Ова го потврдува и ревизорскиот извештај, кој открива дека нема доволно засолништа за жртвите, буџетот не обезбедува средства за заштита, а насилниците ретко се гонаат по службена должност..

Секоја година се прашуваме дали ќе преживеат жените во Македонија? Дали некоја жена ќе го преживее воздухот, пораѓањето во болница, преминувањето на улица, темините улици, безбедноста на работа, платата, достоинството итн. Жените и девојките во Македонија, ниту се заштитетни од насилство, ниту овој систем ги препознава, вели активистката Сара Миленковска за Трн.

Според неа, не можеме да зборуваме за „нулта толеранција“ кон насилството кога институционалната пракса систематски резултира со условни или минимални казни, особено во случаи на сексуално и родово базирано насилство врз деца. На пример, вели таа, случајот со малолетната девојка од Велес покажува како насилството не се третира како континуум, туку како изолиран инцидент, и покрај тоа што се работи за организирана сексуална експлоатација, уцена (сексторција), дигитално насилство и трговија со дете. Наместо системска заштита, институциите реагираат ретроактивно и казнено, при што тежината на кривичните дела не се рефлектира во висината на санкциите. Кога дел од сторителите добиваат условни осуди, се испраќа порака дека телесниот и психолошкиот интегритет на девојчињата е преговарачка категорија. Ама некако по пресудата, како сите да заборавија на ова, па дури и еден од осудените објави книга за тоа како се бори со препреките од „неправдата“ (неправдата во овој случај е тоа што е осуден за силување на малолетно девојче).

Репродуктивни права како поле на политичка контрола

Контролата над женското тело е глобален феномен, а пристапот до абортус се претвори во едно од главните „бојни полиња“ на современата политика. Според податоците на Светската здравствена организација, годишно се изведуваат околу 25 милиони нерегулирани абортуси, што значи дека милиони жени се приморани да бараат нелегални и често небезбедни процедури, со голем ризик за живот и здравје.

Правото на абортус варира драстично низ светот, а ограничувањата често се мотивирани политички и религиозно. Во Полска, абортусот е дозволен само во случаи на силување, инцест или непосредна закана за животот на мајката, што доведе до масовни протести и илјадници жени кои мораа да патуваат во соседни земји за да го извршат абортусот. Во Малта, абортусот е целосно забранет во сите околности, што го прави една од најстрого регулираните земји во Европа; жените се принудени да патуваат во странство или да прибегнуваат кон нелегални и ризични методи. Хрватска има формално дозволен абортус до 10-та недела од бременоста, но пристапот е ограничен од страна на бројни административни бариери и социјален притисок, а религиозните институции активно се мешаат во политичкиот дискурс за репродуктивните права.

Во Македонија, законот за абортус и пристапот до контрацепција се формално гарантирани, но реалноста е поинаква. Жените често се соочуваат со социјален и политички притисок, а локални иницијативи инспирирани од „традиционалните вредности“ настојуваат да ги ограничат овие права. Овој притисок не е само здравствен проблем; тој е прашање на автономија и контрола. Жените стануваат предмет на политичка инструментализација, каде нивните тела се бојно поле за идеолошки и морални битки.

Како што истакнува експертката за човекови права Дебора Рош:

Ограничувањето на правата на жените врз сопственото тело не е само здравствено прашање, тоа е прашање на моќ и контрола, каде жените стануваат заложници на политичките и моралните наративи на државата.

Анти-родови движења и регионални трендови

Македонија за жал го следи и глобалниот тренд на растечки анти-родови движења, кои се особено активни во источна Европа, но нивното влијание се чувствува и на други континенти. Во ЕУ, десничарските партии и конзервативните организации често користат анти-родови наративи за да оспорат програми за родова еднаквост, сексуално образование и феминистички иницијативи.

Според извештајот на European Institute for Gender Equality (EIGE, 2022), во Централна и Источна Европа овие движења се поврзуваат со намалување на државните програми за поддршка на жени и репродуктивни права, како и со ограничување на ЛГБТИ+ права.

Во Полска, анти-родови организации и католичката црква водат кампањи против сексуално образование и правото на абортус, инспирирајќи масовни протести и закони кои значително ги ограничуваат репродуктивните права на жените. Во Бразил, движењата против „џендер идеологијата“ ја мобилизираат јавноста преку социјални мрежи и црквени структури, блокирајќи програми за сексуално образование и правото на пристап до репродуктивни услуги. Во САД, десничарски организации активно се противат на родова еднаквост во образованието и здравството, особено по укинувањето на федералното право на абортус во 2022 година. Во Унгарија, владата на Виктор Орбан промовира „традиционални семејни вредности“ и ја ограничува родовата равноправност во училиштата, при што секоја државна програма за родова еднаквост е цел на континуирани политички напади. Во Италија и Шпанија, анти-феминистички и конзервативни организации блокираат закони за сексуално образование и правата на жените во областите на абортус и репродуктивни услуги, користејќи националистички и религиозни аргументи.

Во Македонија, овие движења се видливи во кампањите против сексуално образование, против ЛГБТИ+ права и во политичката употреба на „традиционалните вредности“ како оправдување за ограничување на женските права. Исто така, се забележува и раст на родово-базираниот говор на омраза на социјалните мрежи, што директно влијае врз перцепцијата на јавноста за улогата на жените во општеството, особено меѓу младите.

Како резултат, жените во многу земји, вклучително и Македонија, стануваат „бојно поле“ на идеолошки и политички битки, каде нивните тела, права и гласови се предмет на манипулација и контрола.

Политичка инструментализација на „традицијата“

Традицијата“ често се користи како политички инструмент за контрола и дисциплинирање на жените. Во Македонија, политичките елити повремено ја мобилизираат идејата за традиционален семеен модел и семејни вредносто за да ја оправдаат недоволната заштита на жртвите на семејно насилство и за да го намалат јавното влијание на родово базирани политики.

Светските трендови покажуваат слична слика: во Полска, Унгарија и Италија, „традиционалната вредност“ често се користи за ограничување на абортусот, контрацепцијата и родовата едукација, со што жените стануваат полноправно „бојно поле“ на политички и идеолошки борби.

Како што истакнува социологот Бронте Стонер „жените во овие контексти се перцепираат како симболи на нацијата – нивните тела стануваат простор за политички и морални дебати.“

Полска е најпознат пример во Европа. Анти-родови и анти-феминистички организации, поддржани од Католичката црква, водат кампањи против сексуално образование, против правото на абортус и против закони за родова еднаквост. Во 2020 година, Врховниот суд на Полска речиси целосно го забрани абортусот, што предизвика масовни протести и меѓународно внимание. Во Унгарија владата на Виктор Орбан активно промовира „традиционални семејни вредности“ и ограничува родовото образование во училиштата. Секое обидување за воведување програми за родова еднаквост се третира како „западна идеологија“ и се критикува преку медиуми и политички наративи. Во Бразил десничарски и религиозни групи го блокираат сексуалното образование и програми за родова еднаквост, нарекувајќи ги „гендер идеологија“. Кампањите се особено агресивни во руралните и конзервативни региони. Италија и Шпанија се познати по конзервативните организации кои водат кампањи против закони за родова еднаквост и сексуално образование, особено во области поврзани со абортус и репродуктивни права. Во Русија анти-ЛГБТИ и анти-феминистички закони ги ограничуваат јавните дискусии за родови права, сексуално образование и родова еднаквост, додека владата ја промовира „традиционалната руска семејна вредност“ како државна идеологија. Во Африка (Нигерија, Кенија) религиозни и конзервативни движења блокираат родово образование и закони за заштита на жените. Високиот социјален и политички притисок значи дека жените се принудени да ги следат „традиционалните улоги“ и често немаат пристап до репродуктивни услуги.

Овие примери ја потврдуваат тезата дека анти-родови движења се глобален феномен, а не само регионален. Тие користат исти наративи како: „заштита на традицијата“, „опасност од западна идеологија“, и „заштита на семејните вредности“, но со директни последици врз жените и младите.

Жените како симбол на нацијата

Жените не се само жртви на насилство или репродуктивни контроли, тие се и симболи на нацијата. Во Македонија, историски и модерно, жената се претставува како носител на културната и етничката идентичност, која мора да се „чува“ и „контролира“. Овој наратив често се користи во политички дискурси за мобилизација на националистички чувства и за легитимирање на контрола врз телата на жените.

Слични тенденции се гледаат и во светот. Во Индија, жените често се идеализираат како „чувари на културната чест“ и се предмет на националистички наративи кои го оправдуваат ограничувањето на нивните права. Во Израел и Палестина, жените се перципираат како симболи на опстанокот и идентитетот на заедницата, при што политиката и вооружените конфликти директно влијаат на нивната автономија. Во Полска и Унгарија, жените се идеализирани како „чувари на традиционалниот семеен ред“ додека се ограничени во пристапот до абортус, сексуално образование и родова еднаквост. Во Русија, концептот за „мајка на нацијата“ се користи за да се оправдаат социјални и законски ограничувања, особено во репродуктивната политика и закони за семејство.

Овие примери покажуваат дека жените низ светот често се претвораат во симбол на нацијата, што ја легитимира политичката и културната контрола врз нивните животи. Овој парадокс создава континуиран притисок врз жените да ги усогласат своите лични избори со политичките очекувања, додека институциите и законите не обезбедуваат доволна заштита од насилство, дискриминација и ограничување на правата.

Македонија во контекст на светските трендови

Македонија се соочува со сериозни предизвици, но истите тенденции се дел од поширок глобален тренд каде жените стануваат бојно поле на политика, тело и контрола. Фемицидот, ограничувањето на репродуктивните права и анти-родовите движења не се изолирани проблеми,тие се дел од системска структура на моќ и дискриминација.

Суштината е јасна, се додека жените остануваат бојно поле, на овие политички, културни и здравствени битки се губи многу повеќе од индивидуални животи се губи самата перспектива за општество во кое еднаквоста и заштитата на човековите права се основни вредности.

Жените не се само жртви, тие се барометар за зрелоста на едно општество. Доколку телата, правата и гласовите на жените се предмет на контрола и политичка инструментализација, тоа сигнализира дека самата демократија, правдата и човековите права се сериозно загрозени.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни