Десетици автомобилски марки ќе банкротираат во 2026 година, бидејќи кинеската автомобилска индустрија се соочува со жестока пазарна борба. Дури и втората најнаселена држава во светот станува мала бара со премногу крокодили. „South China Morning Post“ пишува дека околу 50 автомобилски марки остваруваат големи загуби. Жестоката војна на цени и падот на побарувачката на домашниот пазар го отежнуваат преживувањето на помалите играчи, наведува „HAK Ревија“.
Кризата особено ги погодува новите производители на електрични автомобили кои години наназад зависеле од државни субвенции. Од јануари 2026 година, државната поддршка за купување електрични возила ќе биде преполовена, што ќе предизвика драматичен пад на продажбата. „Deutsche Bank“ дури предвидува дека вкупната продажба на автомобили во Кина ќе опадне за пет отсто во следната година – што е значителен пад. Во Кина се регистрирани 109 марки, а само најголемите компании како BYD, Geely и SAIC имаат финансиска моќ да го издржат притисокот.
Помалите компании трошат пари на секое продадено возило и немаат капитал за развој на нови модели. Инвеститорот Јин Ран објаснува за „South China Morning Post“ дека сега сè се сведува на преживување. Извозот минатата година пораснал за неверојатни 87 отсто, и се очекува тој тренд да продолжи и во 2026 година. Европскиот пазар е преплавен со евтини автомобили од марки кои наскоро би можеле да исчезнат.
Прашање е што ќе се случи со другите глобални производители. И покрај кризата, традиционалните компании како Volkswagen, BMW и Toyota не се загрозени, но многу други производители се во сериозна криза.
