Постои многу мала шанса дека астероид кој може да уништи цел град, ќе удри во Земјата за помалку од осум години. Но, дури и ако овој астероид се движи кон нас, човештвото сега има способност да се одбрани од таква закана, велат експертите.
Шансите дека неодамна откриениот астероид ќе удри во Земјата на 22 декември 2032 година сега се зголемени на 3,1 отсто, соопшти НАСА во вторникот, што е највисока веројатност за судар со толку голем космички камен во модерната историја.
„Не паничете”, изјави Ричард Моисл, шеф на канцеларијата за планетарна одбрана на Европската вселенска агенција за АФП. Како што астрономите собираат повеќе податоци, се очекува шансите за директен удар да растат пред да се намалат брзо на нула.
Покрај тоа, постојат неколку начини на кои човештвото може да го пренасочи или уништи астероидот познат како 2024 YR4.
Судар со вселенска леталица
Само една стратегија за планетарна одбрана е испробана на вистински астероид.
Во 2022 година, НАСА го тестираше двојното отклонување на астероиди (DART) и намерно удрила вселенска леталица во астероидот Диморфос, широк 160 метри, успешно променувајќи ја неговата орбита околу поголемиот астероид.
“Трактор”, јонски зраци, боја
Една од идеите наречена „гравитациски трактор” вклучува големо вселенско летало која лета блиску до астероидот и, не допирајќи го, ја користи својата гравитација за да го одвлече од Земјата.
Други безконтактни планови би вклучувале вселенсо летало покрај астероид наоружано со потисници кои би испуштале “постојан млаз јони” за да го одгурнат астероидот од патеката, рече Моисл.Научниците исто така размислувале за можноста да се офарба една страна на астероидот во бела боја, зголемувајќи ја неговата рефлексивност за полека да ја промени патеката.
Овие суптилни стратегии би барале да се стигне до астероидот побрзо отколку што е тоа сега.
Нуклеарна бомба
Или едноставно би можеле да го распарчираме со нуклеарна бомба…
Наместо да се вметне нуклеарно оружје длабоко во астероидот – како што е прикажано во научно-фантастичниот акционен филм “Армагедон” од 1998 година, ова би вклучувало детонација на бомбата во близина.
Минатата година, американски истражувачи ја тестираа оваа теорија на модел на астероид големина на стаклена топка во лабораторија и открија дека рентгенските зраци од нуклеарната експлозија ќе ја испечалат неговата површина и ќе го испратат во спротивен правец.
Дури и занемарувајќи ги етичките, политичките и правните прашања за испраќање на нуклеарни бомби во вселената, ова се смета за план на крајна нужда кога станува збор за километарски широки астероиди како оној што довел до изумирање на диносаурусите. И дури ако планот биде успешно реализиран, постои ризик дека нуклеарната експлозија може да испрати помали парчиња астероид кон Земјата.
Ласери
Во сличен, но помалку опасен правец, постои уште една идеја да се усмеруваат ласерски зраци од вселенско летало така што ќе ја уништат една страна на астероидот, поместувајќи го од патеката.
Експериментите во лабораторија сугерираат дека овој план е изводлив, но не е една од “најдобрите техники”.
Ако сè друго не успее
Ако биде потребно, пренасочувањето на овој астероид е „изведливо, но зависи од брзината со која се движиме како планета”, рече Моисл.
Додека експертите и вселенските агенции ќе ги даваат своите препораки, конечната одлука за тоа како да се соочиме со астероидот ќе ја донесуваат светските лидери. Тоа значи дека подготовката за удар, потенцијално вклучувајќи евакуација ако е областа населена, ќе биде последната линија на одбрана.
“Седум и пол години се доволно долг период за да се подготвиме”, рече Моисл, повторно нагласувајќи дека постои отприлика 97 отсто шанса дека астероидот ќе ја промаши Земјата.