Ако сте биле дете во периодот пред интернет револуцијата сигурно голем дел од времето во лето ви поминувал на улица. Меѓу бројните детски игри сигурно барем еднаш сте летале змеј. Доколку сте биле од оние покреативните и повештите сами сте го правеле, спојувајќи две стапчиња во форма на крст и прекривајќи ги со целофан. За оние помрзливите секогаш постоеше некој повозрасен кој ќе им направеше летало или во случај да немавте таков комшија одевте и си купувавте готово од најблиската продавница.
И веќе сигурно се навративте на оние безгрижни и долги денови од летниот распуст. Но дали некогаш сте размислувале како леталото, кое многумина го нарекуваа змеј, стана една од најпопуларните детски играчки во периодот до доцните деведесети. Од тогаш до денес се е променето, па така и леталата ретко кога се интересни за денешните деца. Но ајде ние повозрасните, сега веќе големи деца, да се навратиме низ времето, евоцирајќи спомени и учејќи нешто повеќе за леталата – змеј.
Првите змејови се користеле за мерење на тепературата
Во 1749 година првпат змејовите биле искористени за мерење на температурата над површината на Земјата. Од 19 век почнала масовна употреба на змејовите во метеорологијата. Во САД, во периодот од 1893 до 1933 година, во метеоролошките станици за испитување на атмосферата се користеле змејови кои достигнувале висина и до седум илјади метри. Професорите од универзитетот во Глазгов прицврстиле топломер за змејот, го дигнале и така ја мереле температурата на воздухот на големи висини.
Со помош на змеј е направен и првиот громобран
Три години подоцна, во 1752 година, Бенџамин Френклин го извел прочуениот опит со кој докажал дека громот е електрична појава и врз основа на тоа го конструирал громобранот. Френклин змејот го направил од свилена марама и го прицврстил за тенка жица на чиј крај се наоѓал клуч. Кога змејот се кренал во небото, громот удрил во змејот и низ жицата дошол до клучот што предизвикало негово вжарување.
Во 19 век змејот се користел како технолошко достигнување
Змејовите нашле примена и како влечна сила кај направата чавролант кој наместо коњска снага ја користел снагата на ветрот. Оваа направа можела да влече кола со брзина од преку 30 километри на час.
Во средината на 19 век со помош на змејови почнале да се прават мостови, а примената на змејови во градежништвото почнала во САД над Нијагарините Водопади. Така биле изградени мостовите Рејнбоу и Вирлпул кои ги поврзуваат САД со Канада. Од крајот на 19 век почнале да се снимаат подрачја така што на змејовите биле поставувани камери и фотоапарати. Змејовите биле и поштари. Со нив биле префрлани пратки и пакети од бродовите на брегот.
Во 1894 година британскиот генерал Роберт Бејден-Пауел летал со змеј
Прв човек кој со помош на змеј се подигнал од земја, бил британскиот генерал Роберт Бејден-Пауел, кој во 1894 година конструирал змеј долг 12 метри и со него се дигнал на 30 метри над земјата. Подоцна, во 1900 година, браќата Рајт врз основа на проучувањето на движењето на змејовите направиле прво моторно летало со кое три години подоцна се дигнале во небото.
Змејот е главен „виновник“ за откривањето на телеграфијата и радиото
Гуљелмо Маркони со помош на змеј подигнал антена и преку неа во 1901 година на Њуфаундленд го примил првиот безжичен радиосигнал преку Атлантскиот Океан. Благодарение на тоа откритие Маркони ги пронашол безжичната телеграфија и радиото.
Дури и по појавата на авионот, змејовите продолжиле да се користат во разни цели. За време на Втората светска војна имало предлози американската воена морнарица со змејеви да се брани од воздушните напади. Замислата била големите змејови да се врзани за челични јажиња кои би ги оневозможиле непријателските авиони да прелетуваат над американските бродови, но овој план не се остварил.
Денес, формата на змејот зависи од желбите на детето, во минатото од функционалноста
Вештината за пуштање на змејови како забавна игра настанала на Исток, од каде стигнала во Европа, а подоцна и во Америка. Во денешно време змеј – леталото може да се сретне во разни форми, но најчесто тоа е триаголен, квадратен или ромбоиден облик, изработено од тенок материјал и прицврстен со стапчиња на кои е врзан еден крај од конецот.
Најстари цртежи и остатоци од четириаголни змејови без опашки се пронајдени на островите од Малајскиот Архипелаг. Змејовите се дигале високо и на тој начин го покажувале правецот на ветровите како и можноста од невремиња. Според тоа луѓето знаеле дали да се подготвуваат или не за опасност. Некои факти говорат дека во Нов Зеланд се создадени едни од најпрвите змејови кои можеле да освојат големи височини, а притоа и да се задржат на нив. Специјалисти за такви летала биле Маорите.
Најстарите познати триаголни змејови пак се од островот Бугенвил, најголемиот во групата на Соломонски Острови во Тихиот Океан и служеле за риболов. На едниот крај на змејот се наоѓало јаже од усучени танки лијани со мамка без јадица. Мамката била парче дрво на кое било прикачено клопче пајажинесто расплетена сува трева. Кога змејот ќе почнел да пропаѓа во водата тоа значело дека рибата се фатила на мамката.
Со помош на змеј е освоен и дворецот Веј Јанг
Во раната кинеска историја, војската ги користела змејовите за давање сигнали така што одреден број змејови биле пуштани да летаат на одредени временски интервали. Познато е дека кинескиот генерал Хан Ксин во II век п.н.е. ги користел змејовите при освојувањето на дворецот Веј Јанг.
Најголемите фестивали на змејови во Јапонија
Јапонските митови за змејовите се мешавина од домородски легенди и увезени приказни од Кина, Кореја и Индија. Ликот на кинескиот змеј бил земен како пример за да се направи ликот на јапонскиот. Како и другите азиски, повеќето јапонски змејови се водени божества, и најчесто се прикажани како големи, змијовидни суштества без крилја и со канџи.
Во повеќе делови на Јапонија се одржуваат бројни фестивали кои го слават змејот, а посетителите можат да се воодушевуваат на разните креации кои го красат небото. Еден од најголемите и најмасовните фестивали се случува во Канагава. За време на фестивалските денови во воздухот летаат импозантната конструкција од бамбус, чии димензии достигнуваат и до 13 на 12 метри, со тежина околу 700 килограми.
За жал, бројни се и слуачите на несреќи со змејови. Една од поголемите катастрофи, која го обиколи светот, се случи пред осум години односно во 2015 година кога џиновско летало падна од висина од 200 метри сериозно повредувајќи неколку лица. Сличен инцидент се случил и во 2004 година кога осум лица беа повредни во пад на змеј во Канагава, во близина на Токио.
Како велат, секое време свои правила. Ако успеавме да ве навратиме во безгрижните детски денови, во пресрет на летото направете еден змеј. Дозволете му да се вивне кон облаците, да ве потсети на едно време без интернет, мобилни и компјутери. Сепак ако сметате дека сте повеќе од возрасен за детска игра, тогаш подарете еден змеј на едно дете кое со сигурност ќе ве гледа збунето, можеби не знаејќи што е тоа. Но е едно е сигурно, откако змејот ќе ги освои височините детето ќе се вљуби во новата играчка, а вие носталгично ќе се навратите во едно време кое никогаш нема да се врати, како змејот кој се скинал од конецот.