Од Балет до Барик: Како скопски приказни го обликуваа виенскиот бренд часовници 11и11 саат?

11и11 саат (11i11 saat) е нова марка рачни часовници на Петар Кајевски. Кајевски живее подолго време во Виена, но е често во Скопје, па разговорот го фокусиравме на скопските влијанија на овој амбициозен потфат.
Кајевски се прашува дали неговите часовници се првата работа која подобро изгледала кога излегла отколку кога влегла во клубот Балет?

Трн: За почеток, да појасниме, колку македонска е марката 11и11 саат? Самиот ја дефинираш како виенска марка со македонски врски, а одлучно ги одбиваш пофалбите дека си направил прв македонски рачни часовници. Зошто?

Петар: Марката е виенска  бидејќи правно-деловно е базирана во Виена, но и реално најголем дел од мојата работа на часовниците се случуваше кога физички бев во Виена. Македонска поврзаност доаѓа од тоа што практично сите други луѓе поврзани со осмислувањето на првата серија се од Македонија.

Во врска со одбивањето на „први македонски“, постојат и други часовници со некаква поврзаност со Македонија.

Е сега, тоа не значи дека не би можел да смислам приказна зошто 11и11 треба да се сметаат за први македонски часовници. Една причина зошто тоа не го правам е бидејќи градам марка која не ги блефира купувачите, освен во иронични контексти, кога би очекувал купувачите да ја препознаат иронијата. Поважна е мојата алергичност на сеприсутните тврдења за прво македонско ова, прво македонско она. Тоа не само што често е неточно и покажуваа непочитување за работата на другите, туку такви тврдења се обично и одраз на скромни амбиции, на што би се рекло бркањето светска слава во сопственото село.

Инаку во основа и марката и часовниците не се ни македонски ни австриски, туку универзални во духот. Производството е од страна на швајцарска фирма, при што механичките модели и го имаат престижното швајцарско производно потекло.

Фото: Небојша Гелевски Бане

Трн: Ти си менаџмент и ИТ консултант, кој по сопствени кажувања никогаш не покажувал ниту интерес ниту успех за визуелни креации или механика. Од каде тогаш идејата да направиш своја марка рачни часовници?

Петар: Просто – дојдов во доцните 40-ти, ме фати кризата на средните години, а наместо бесна кола си најдов друга кул занимација. Шега, хаха. Сѐ почна многу спонтано и со мали амбиции. За часовници допрва почнав да се интересирам во 2017 година. Некаде на крајот на 2019 добив идеја за експеримент, часовник што би си играл со визуелната сличност на 11 со арапски бројки, и 2 (II) со римски. Требаше бројчаник со таков дизајн да се вметне во некакво генеричко куќиште и да се види преку Кикстартер дали има интерес за такво нешто. Но дојде короната, па проектот порасна и по амбиции и по времетраење.

Трн: Како се одвиваше процесот на дизајнирање, од првата скица до финалниот производ?

Петар: Дизајнот изгледаше дека во голема мерка ќе се базираше на типографија, па го исконтактирав Небојша Гелевски – Бане, кој е еден од водечките графички дизајнери во Македонија, особено за типографија. Во следната година паралелно работев со Бане и остатокот од тимот на Кома Дизајн и истражував секакви дополнителни идеи за часовникот настрана од дизајнот на бројчаникот.

И така, во теретана во Виена ми дојде идејата круната на часовникот да се помести на позиција на 8 часот и да биде дел од индексот за 8 часот. Тоа дизајнот на часовникот го трансформираше од горе-долу чисто 2Д графички дизајн на бројчаникот во целосен 3Д дизајн.

Нано бар, Паблик рум и пред Зелено пазарче -некои од развојните бироа на 11и11 саат

Јас со 3Д дизајн имав уште помалку врска отколку со 2Д дизајн, а и Кома се графички дизајнери. Но тоа што го имам се многу пријатели кои исто знаат многу луѓе, па еден од нив, Васко, ми го препорача Апостол Тноковски, дизајнер кој веројатно од сите македонски дизајнери најблиску дошол до тоа негов дизајн да биде реализиран во вистински часовник.

И во тој момент дојде најскопскиот момент во целата приказна. Со Апостол и Кома работевме на дизајн во кој круната е топка, која заедно со полутопка внатре во куќиштето формираше тридимензионална осмица. Паралелно, кога по Скопје ме прашуваа што правам, ги покажував тековните модели. Едно од покажувањата беше во три сабајле во Балет, на Бојан Василевски, компјутерџија и веб дизајнер, но и сопственик на Бајка 2Д бар. Боки од прва забележа дека тридимензионалната осумка не е во склад со дводимензионалниот дизајн на остатокот на бројчаникот и предложи ротирана круна што личи на буренце. Тоа го круниса дизајнот на круната (хаха), па аатоа круната ја именував „балет круна“.

Иако часовниците немаат  механички компликации, како се движевме кон изработката на прототипите, така ми стануваше јасно дека во тимот ќе треба да се вклучи и часовничар, што беше почеток на соработката со Владимир Настевски, продолжувач на семејната традиција на Часовничар Маестро. И тоа запознавање беше во духот на случајности и поврзаност. Видов објава во која спомнатиот Васко се сликал како презадоволен муштерија на Владимир, и ми кликна дека со Владимир би можеле добро да соработуваме. Неповрзано, неколку дена подоцна, братучед на Владо спонтано исто ми го препорача Владимир, без да има поим дека ми треба часовничар…

Тоа беше во 2022, и по многу работа, преписки, истрајност, масовното производство почна есента 2024 и заврши во декември.

Трн: Значи многу луѓе имаа влијание на концептот?

Петар: О да, освен наведените, куп други пријатели и познаници придонесoa со свои идеи, често кажани по скопски локали. Некои директно со конкретни препораки, некои индиректно со поттикнување да размислам од нови перспективи.

Дури и додавањето на „саат“ во името на брендот беше резултат од кафански муабети. Шегувајќи се на темата на австриската врска на 11и11, Виктор предложи да регистрирам сајт kolkuesa.at, на што Никола се надоврза со препорака за регистрација на 11i11sa.at. Тоа беа на шега, но мене ми светна дека додавање на „саат’ би решило неколку проблеми околу брендингот и дистинктивноста на марката, па веднаш го извадив лаптопот и на лице место во Барик го регистрирав домејнот 11i11sa.at.

Фото: Никола Стиков (Задоволни купувачи)

Тука би сакал да се заблагодарам и на Игор Божиновски – двата разговори со него во Битола ми беа многу корисни за развојот на часовниците, вклучувајќи и поттикнувањето да имам повеќе модели часовници од самиот почеток.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни