Огранизаторите на 14-тото издание на Филозофскиот филмски фестивал, што оваа година ќе се одржи од 7 до 13 јуни Кинотеката на С. Македонија, ги најавија филмовите од Официјалната селекција на краткометражни филмови [ОСК 1 дел].
Првиот во селекцијата е дебитантскиот краткометражен филм „Montanea“ на младата француска режисерка Шарлот Луј. Се работи за филмско-филозофски есеј кој ги допира есенцијалните филозофски теми: животот и смртта. Импресивната актерска игра на Дени Лаван [Denis Lavant] и Феникс Бросар [Phénix Brossard], рафинираната визуелна поетика и сугестивната музичка илустрација на талентираниот Жан-Беноа Данкел [Jean-Benoît Dunckel] креираат длабоко метафоричен амбиент врз кој Луј умешно ги обликува сопствените егзистенцијални рефлексии за суштината на човековото времено постоење, за вечниот циклус на недофатливите промени и за застрашувачката извесност на смртта.
Вториот, краткометражниот филм „15 минути“ ја раскажува приказната за Алекс, млад човек од Хаити кој живее во Чиле без документи и не зборува шпански. Една ноќ, додека разнесува весници со својот автомобил, доживува ужасна несреќа. Даниела, случаен минувач што говори француски, се согласува да им помогне на спасувачките екипи кои го транспортираат Алекс до најблиската клиника. Набрзо, во амбулантното возило, почнува да се расплетува потресна имигрантска приказна. Филмот премиерно беше прикажан на филмскиот фестивал Трибека во 2023 година, како дел од Официјалната селекција на краткометражни филмови.
„Промена“ (The Shift) на Amalie Maria Nielsen е приказна за Мило, која е сместена во дом за млади, гневни, неприлагодени девојки. Додека другите девојки се борат со сопственото проблематично однесување, таа води една многу поголема битка: со своето тело. Единствениот кој ја поддржува нејзината тивка полова транзиција е негувателот Ники, за кого таа е силно приврзана. Еден ден, откако Мило ќе наслушне дека тој си дал отказ, во нејзе еруптира гневот и бидејќи прегратките сега се недоволни и бескорисни, таа го притиска копчето за аларм. Приказната на Мило е приказна за растењето и ранливоста. За отсуството на поддршка во оние моменти кога перцепцијата за тоа што всушност сме, почнува да се менува. За соочувањето со системот кој често пати ги повторува и продлабочува токму оние проблеми што требало да ги реши. Филмот премиерно беше прикажан на Берлинале во 2023 година.
Филмот „Мониста“ на Rafaela Camelo е приказна за две сестри, Памела и Тисија, кои се повлекуваат во една осамена куќа потоната во амбиент на дива природа и тивко се подготвуваат за абортус. Додека Памела ги прима потребните лекови и лежи во скутот на својата сестра, Тисија ѝ ниже ѓердан од мониста. Околу нив, тивко и незабележано, по подот од куќата ползи џиновска змија. Топла и моќна алегориска приказна, проткаена со длабока и амбивалентна симболика. Евокативно понирање во суштината на женственоста и вечните циклуси на животот, кое наведува и на нагласена рефлексија за репродуктивните права на жените во Бразил – а и во многу други делови од светот. Својата светска премиера филмот ја имаше на Берлинале во 2023 година.
„Годинава продолжуваме онаму каде што застанавме лани: чествувајќи го авангардното, алузивното, подривното, ентропичното, енергичното, експлозивното! Но, наместо да се придвижиме странично од Годар кон некои други посовремени корифеи на европскиот филмски модернизам, се одлучивме да го префрлиме Океанот и да се вратиме некоја деценија наназад во времето, кон самите корени на иконоклазмот, во утробата на мајката на американската авангарда: Маја Дерен. Доследни на максимата, ќе ја подновиме малку и програмата. Пак ќе бидат тука едукативната и придружната програма, а стандардно и двете официјални селекции, на долгометражни и краткометражни филмови. Но, ви носиме и нешто што досега сме го немале: видео-есеи. Преку нив – а и меѓу нив, пред нив, по нив – ви носиме, одново и пак, и некој свеж навев на убавина. Од оној вид, се плашиме, со кого сè почесто се разминуваме“ велат организаторите на фестивалот.