Во издание на Literatus од Солун

Објавен преводот на грчки на романот „Столб што пее“ од Томислав Османли

            Во издание на книгоиздателството „ Literatus“ деновиве во Грција е објавен претпоследниот роман на нашиот писател Томислав Османли. Ова прозно дело од македонски јазик беспрекорно го преведе Д-р Ставрула Маврогени, книжевна теоретичарка и професорка на Одделот за балкански, словенски и ориентални студии при солунскиот универзитет „Македонѝа“. „Столб што пее“ е објавен пред две години во издание на „ВиГ Зеница“ од Скопје и беше финалист во изборите за роман на годината како и за наградата за проза на ДПМ.

            На кориците од романот уредникот на грчкото издание ќе напише: „Со неверојатна вештина Томислав Османли ја спојува фикцијата со историското минато и создава свет кој е тешко да се прифати, но уште потешко да се отфрли.“

Предговор кон новата, грчка објава на романот „Столб што пее“ напиша писателот Вангелис Тасиопулос, инаку Претседател на Друштвото на писателите од Солун:  „Томислав Османли, писател од Северна Македонија, познат на грчката јавност од претходните објави,   на крајот од својот роман истакнува дека и покрај тоа што сега сите припаѓаме на ранливи стада-групи оптоварени од интереси, надеж сепак постои. Со чувствителност и низ утешно расположение среде мракот, во вид на цврсто убедување тој истакнува дека, како што кај надгробниот столбец на античкиот  музичар чија песна дава надеж, па така и еден подобар, поспокоен и мирен свет е изводлив…“  

„Столб што пее“ на Османли е инаку роман со сложен хронотоп и наратив. Неговото дејство е трансисториско и се одвива паралелно: во антиката, во дваесеттото и во ова столетие. Почнува во првиот век на нашата ера кога еден умирачки антички мелограф и филозофски поет ќе ни ја остави, врежана во неговиот надгробен столбец, најстарата преживеана песна од древните времиња што се гласи со лирски тон и со оптимистичка порака; продолжува преку Малоазиската војна 1919-1922, која е еден меѓунационален и меѓуверски масакр изведен во продолжение на Првата светска војна…; при што во продолжение романот допира сѐ до нашево совремие, до травматичната 2022 година и новото, веќе опасно завојувано столетие. Низ голем број автентични и фикциски ликови, „Столб што пее“ дава жестока панорамска слика на вековите и посебно на оваа епоха на глобално распалувани војни, на бегалските кризи и другите воени страдања. Романот содржи документарни содржини: фотографии од бегалските несреќи, активни веб сајтови, музички QR-кодови, новозаветни библиски цитати преплетени во дејствието на оваа особена проза. Неговите ликови антички филозофи, два христијански апостола, еден знаменит британски библиски истражувач и археолог, грчки офицери, турски воини, европски, но и други љубовници со неразрешена бегалска судбина… Романот на Османли е литературно дело што ја демистифицира миротворноста  среде вечните сили на агресивноста на човекот, народите и државите.

По македонската објава со деталниот, аналитички предговор на Глигор Стојковски романот со свои рецензии во Македонија го проследија и Проф. Д-р Лидија КапушевскаПроф. Д-р Весна Мојсова ЧепишевскаАлександар Маџаровски

Романот на македонскиот писател во Грција се објавува со поддршка на Д-р Ставрос Дајос, историчар и литерат, сопственик на книгоиздателството Literatus, кај нас познат и по објавата на сеопфатната антологија „Балканско расказно творештво“ во кое се објавени преводите на грчки јазик на осум македонски прозаисти, меѓу кои и расказот „Шапката на професорот Даштевски“ од Томислав Османли.

Преводот на романот „Столб што пее“ од Томислав Османли е објавен со финансиска поддршка од Фондот за поддршка на македонски книги во странство при македонското Министерство за култура. По драмскиот текст „Апокалиптична комедија“ („Ματζεστικ“, University Studio Press, Thessaloniki, 2004), романот „Столб што пее“, и покрај бројните расказни објави главно во солунското печатено списание „Ενεκεν“, е втора книга што, по дваесет години, Османли ја објавува во соседна Грција.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни