Мисијата на ОБСЕ во Србија и претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите, Јан Брату, објавија дека се „длабоко загрижени поради неодамнешните закани по живот упатени до новинарите од белградската редакција на телевизијата Н1“.
Во заканувачко писмо испратено до редакцијата на 10 јули, им било кажано да се сетат на смртоносниот терористички напад врз францускиот сатиричен весник Шарли Ебдо во 2015 година, кога беа убиени 12 вработени.
ОБСЕ предупреди дека е потребно да се процесуираат сите сторители на напади врз новинари во Србија.
„Ја поздравуваме брзата реакција на српската полиција и обвинителството и истрагата за овие закани (до телевизијата Н1), во согласност со обврските што Србија ги презеде во 2018 година со усвојувањето на Одлуката на Министерскиот совет за безбедноста на новинарите“, наведоа тие во заедничка изјава објавена на социјалната мрежа X.
Тие додадоа дека тоа е „само еден од неколкуте инциденти против новинарите и медиумите во последните недели и месеци во Србија“.
„Сите случаи треба да бидат истражени и сите сторители да бидат изведени пред лицето на правдата. Разликите во мислењата никогаш не можат да бидат оправдување за закани, вознемирување или насилство“, изјавија Мисијата на ОБСЕ во Србија и претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите.
Европската и меѓународната федерација на новинари заедно со своите членови од Србија, го повикаа МВР на Србија да обезбеди полициска заштита за телевизијата Н1, со оглед на зголемената закана за нивната безбедност.
„ЕФЈ и ИФЈ цврсто бараат од Министерството за внатрешни работи на редакцијата на Н1 да и биде доделена постојана полициска заштита, вклучително и дневни патроли, особено за новинарите кои се експлицитно именувани во смртни закани и на кои им е потребна зголемена безбедност“, се вели во соопштението.