Две лица загинаа во Грција по обилните дождови кои предизвикаа поројни поплави во Атина и во други делови од земјата, соопштија грчките власти.
Една жена го загуби животот во јужното атинско предградие Глифада, откако автомобил во кој се наоѓала бил однесен од силната водена бура, изјави претставник на противпожарната служба за агенцијата Ројтерс.
Претходно во текот на денот, припадник на крајбрежната стража загина во пристаниште на Пелопонез, во јужна Грција, откако бил однесен од разбрануваното море. Според соопштението на крајбрежната стража, тој паднал во морето додека се обидувал да врзе помал пловен објект.
Противпожарните служби соопштија дека примиле стотици повици од граѓани за испумпување вода од поплавени домови и деловни објекти во поширокиот регион на Атина.
Метеоролозите најавуваат дека невремето во текот на утрешниот ден ќе се придвижи кон источните делови на земјата, но предупредуваат на можни нови врнежи и силни ветрови.
