Поради обилните врнежи од дожд, на повеќе локации низ државата се регистрирани поплави, излевања на водотеци и материјални штети, информира Центар за управување со кризи. Информацијата се однесува на состојбата заклучно со 13:00 часот.
Во Охрид и околината се поплавени подруми, дворови и неколку објекти во градското подрачје. Забележани се излевања на помали водотеци, а на терен се локалната самоуправа и Кризниот штаб на Општина Охрид. Интервенираат и екипи на јавните претпријатија „Водовод“, „Нискоградба“ и „Комуналец“, кои работат на отстранување на водата и санација на штетите.
Во Кичево и околните населени места се појавува вода во подрумски простории и на дел од површините. Дел од граѓаните се евакуирани и сместени во привремени објекти, каде што им се обезбедени храна, лекови и здравствена заштита. Поплави се регистрирани и на одредени водотеци и земјоделско земјиште. Општината, заедно со Црвениот крст – Кичево и ЈП „Комуналец“, интервенира на терен, а екипи на Итната медицинска помош се ангажирани за згрижување на евакуираните лица.
Во Битола и поширокиот регион е забележано значително зголемување на водостојот на локалните реки, со појава на локални излевања. Поплавени се куќи, дворишта и дел од земјоделските површини. Механизацијата на општините е ангажирана за санација на штетите, додека Кризниот штаб ги утврдува приоритетите за интервенција.
Во Тетово и околината има пријави за уривање на потпорни ѕидови и локални излевања на водотеци. Полициски службеници вршат увид на критичните локации, а општинската механизација интервенира за расчистување на свлечишта и спречување на дополнителни штети.
Поплави на локални патни правци и во неколку населени места се регистрирани и во Гостивар и околината. Екипите на ЈП „Комуналец“ се ангажирани на поплавената инфраструктура, додека механизацијата на Водостопанство работи на расчистување на свлечишта и санација на штетите.
Од Центарот за управување со кризи апелираат граѓаните да бидат внимателни, да не се движат во близина на надојдени водотеци и, доколку забележат опасност или имаат потреба од помош, да пријават на бројот за итни повици 112.
