Силно невреме проследено со обилни врнежи од дожд го зафати Полошкиот регион, предизвикувајќи излевање на водотеци и поплавување на обработливи земјишта, земјоделски површини и одредени населени места.
Голем број ниви се под вода, пристапните патишта се отежнати, а материјалната штета, според првичните информации, е значителна. Надлежните служби се на терен и вршат проценка на последиците од невремето.
Како што информираат од Центарот за управување со кризи, на подрачјето на Тетово и околината евидентирани се пријави за уривање на потпорни ѕидови и локални излевања на водотеци. Полициските службеници вршат увид на локациите, додека општинската механизација е ангажирана за расчистување на свлечишта и санација на настанатите штети.
Слична е состојбата и во Гостивар и околината, каде што се регистрирани поплави на повеќе локални патни правци и во одредени населени места. Екипите на ЈП „Комуналец“ интервенираат на терен, а механизацијата на Водостопанство е вклучена во отстранување на свлечишта и санација на последиците од невремето.
Од ЦУК дополнително информираат дека интензивните врнежи го парализирале и локалниот патен правец помеѓу селата Форино и Тумчевиште, каде сообраќајот е значително отежнат.
Истовремено, регистрирани се излевања на Лакавичка река во селото Мало Турчане и на Сушичка река во Горна Бањица, како и поплави на земјоделски парцели и дворови во Балин Дол, Бањица и Мало Турчане. Во коритото на реката Вардар во Форино е забележано паднато дрво, а надлежните служби ја следат состојбата и преземаат соодветни мерки.
