Обилни снежни врнежи ја зафатија Москва, а според најавите на Руски хидрометеоролошки центар, висината на снежната покривка во текот на денот би можела да се зголеми за 15 до 20 сантиметри, приближувајќи се до рекордните вредности измерени во 1956 година.
Од Центарот соопштија дека дневната количина врнежи најверојатно ќе го надмине рекордот од 1976 година, кога биле измерени 12,9 сантиметри, додека под знак прашалник е и јануарскиот рекорд од 23 сантиметри поставен во 1970 година. Силните врнежи се резултат на средоземски циклон кој донесе нестабилно и екстремно зимско време над руската престолнина.
Снежното невреме веќе предизвика сериозни нарушувања во воздушниот сообраќај. Руската воздухопловна агенција Росавијација соопшти дека денеска се откажани 11 летови на московските аеродроми, додека уште 48 летови доцнат повеќе од два часа.
Надлежните служби апелираат до граѓаните на зголемена внимателност во сообраќајот, додека комуналните служби се ангажирани на расчистување на улиците и одржување на основната инфраструктура. Метеоролозите предупредуваат дека снежните врнежи може да продолжат и во наредните часови.
