Под влијание на длабок циклонски систем со центар над Џеновскиот залив, викендов Македонија ја очекува нова изразена промена на времето. Метеоролозите најавуваат обилни врнежи од дожд, засилен ветер и локална нестабилност, со можност за невреме во одредени делови од земјата.
Најинтензивни врнежи се очекуваат денес попладне и навечер, како и во текот на ноќта кон недела и во недела. На повеќе места дождот ќе биде обилен, а локално ќе има поројни врнежи проследени со грмежи и силен јужен и југоисточен ветер, кој повремено може да достигне брзина и над 60 километри на час.
Се очекува локално да наврнат повеќе од 30 литри дожд на метар квадратен, што повторно го зголемува ризикот од покачување на водостојот на реките и езерата. Поради заситеноста на почвата од претходните врнежи, можно е и излевање на помалите водотеци, како и појава на локални поплавувања.
На планините со надморска височина над 1400–1500 метри, особено во западните и северозападните делови од земјата, врнежите ќе преминат во снег.
И во Скопје и околината се очекуваат врнежи од дожд, повремено пообилни, проследени со засилен јужен ветер. Во делови од котлината ветерот може да достигне и над 60 км/час.
Температурите, поради јужното воздушно струење, ќе бидат над просекот за овој период од годината. Во поголемиот дел од Македонија тие ќе надминуваат 10 степени, а на повеќе места ќе достигнат околу 15 степени. Во Повардарието и југоисточните предели се очекуваат температури близу 20 степени.
Надлежните апелираат на внимателност, особено кај возачите. Поради можните поплавени коловози и зголемено ниво на водотеците, се препорачува да се избегнува движење покрај реки и ризични подрачја.