Обединетите Арапски Емирати најавуваат самоодбрана

Обединетите Арапски Емирати ги отфрлија обвинувањата на Иран за напад и предупредија дека го задржуваат правото на самоодбрана по ракетните и дронските напади врз нивната територија.

Обединетите Арапски Емирати денеска ги отфрлија обвинувањата на иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи дека Емиратите учествувале во напад врз Иран, нагласувајќи дека имаат право да се бранат по иранските напади врз нивната територија.

„По бруталниот ирански напад врз Емиратите, господинот Абас Арагчи ги обвини Емиратите за напад врз Иран, во конфузна политика која погрешно ја процени целта, го изгуби правецот и на која ѝ недостасува мудрост. Емиратите имаат право да се бранат од оваа наметната терористичка агресија, но продолжуваат да им даваат предност на разумот и логиката, покажуваат воздржаност и бараат излез за Иран и за регионот“, објави Анвар Гаргаш, дипломатски советник на претседателот на Емиратите Мохамед бин Зајед ал Нахјан, на социјалната мрежа Икс.

Иран денеска издаде предупредување за евакуација за три главни пристанишни градови во Емиратите, што е првпат отворено да се закани со напади врз имот на соседна држава која не е Соединетите Американски Држави, јави Асошиејтед прес.

Абас Арагчи за медиумот МС NOW изјави дека Соединетите Американски Држави го нападнале островот Харг и островот Абу Муса со артилерија со краток дострел од две локации во Емиратите – од Рас ел Хајма и од едно место „многу блиску до Дубаи“, оценувајќи го тоа како опасен потег.

Тој додаде дека Иран „ќе се обиде да биде внимателен и да не напаѓа населени подрачја“ во Емиратите.

Иран, без да понуди докази, тврди дека Соединетите Американски Држави користеле „пристаништа, докови и засолништа“ во Емиратите за нападите врз иранскиот остров Харг.

Гаргаш во својата објава на Икс додаде дека иранскиот министер со своето оправдување „ја осудил сопствената земја, ја засилил нејзината изолација и ја разоткрил нејзината агресија“, иако знаел дека Емиратите „вложувале искрени напори до последен момент да посредуваат меѓу Вашингтон и Техеран“ со цел да се спречи војната.

Министерството за одбрана на Емиратите денеска соопшти дека Иран кон земјата испукал девет балистички ракети и испратил 33 дрона.

Според податоците на министерството, од 28 февруари кон Емиратите биле испратени вкупно 1.600 дрона, испукани 294 балистички ракети и 15 крстосувачки ракети. Во нападите загинале шест лица, а 141 лице е повредено.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни