Ова беше речено на денешниот настан по повод Светскиот ден за подигнување на свесноста за растот кај децата што го организира Здружението „РАСТ“ под мотото „Зборувај гласно“.
Буџетот за терапијата е 75 милиони денари и е строго наменски за Детската клиника. Цените на чинење на терапиите зависат од состојбата на пациентот и се различни за сите.
„Годинава повторно е обезбеден буџет од Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) со што се овозможува лекување со хормонска терапија за раст на 174 деца во моментов. Не постои повеќе листата на чекање, истакна претседателот на „РАСТ“, Александар Петровски.
Професор д-р Соња Бојаџиева од Универзитетската детска клиника укажа на потребата и важноста од воведување посебна супспецијализација по педијатриска ендокринологија или гентика.
„Клиниката секогаш ќе биде поддршка за децата, за овие мали херои и навистина, следен предизвик за сите професори и за Медицинскиот факултет треба да биде воспоставувањето посебна супспецијализација по педијатриска ендокринологија или гентика. Тоа досега го немало“, рече професорката.
Во Македонија има пет различни хормони за раст.
„Треба да се гордееме со тоа што нема листа на чекање и што имаме избор на терапија, што е многу битно“, порача Петровски, кој по повод Светскиот ден апелира родителите внимателно да ги следат децата и доколку забележат одредени симптоми, веднаш да конслутираат лекар.
Одбележувањето на Светскиот ден за подигнување на свесноста за растот кај децата продолжува во Зоолошката градина со целодневен настан.