Убиството на Алекс Прети е срцепарателна трагедија. Тоа треба да биде и аларм за секој Американец, без разлика на партиската припадност, дека многу од нашите темелни вредности како нација се сè повеќе под напад, напиша екс претседателот на САД, Барак Обама
Според него, федералните органи за спроведување на законот и имиграциските агенти имаат тешка работа, но Американците очекуваат тие да ги извршуваат своите должности на законит и одговорен начин и да соработуваат — а не да се судираат — со државните и локалните власти за да се обезбеди јавната безбедност. Тоа не е она што го гледаме во Минесота. Напротив, го гледаме токму спротивното.
„Со недели, луѓе низ целата земја со право се згрозени од спектаклот на маскирани регрути на ИЦЕ и други федерални агенти кои дејствуваат без одговорност и применуваат тактики што изгледа дека се осмислени за да ги заплашат, вознемируваат, провоцираат и загрозат жителите на еден голем американски град. Овие невидени тактики — кои дури и поранешниот главен правен советник на Министерството за внатрешна безбедност во првата администрација на Трамп ги има окарактеризирано како срамни, беззаконски и сурови — сега резултираа со смртоносни пукања во кои загинаа двајца државјани на САД.
А сепак, наместо да се обидат да воспостават барем некаква дисциплина и одговорност врз агентите што ги испратиле, претседателот и сегашните функционери на администрацијата изгледа се желни да ја ескалираат ситуацијата, нудејќи јавни објаснувања за пукањата во кои загинаа г. Прети и Рене Гуд што не се засновани на никаква сериозна истрага — и кои се чини дека директно се побиваат со видео-докази.
Ова мора да престане. Би се надевал дека по оваа најнова трагедија, функционерите на администрацијата ќе го преиспитаат својот пристап и ќе почнат да бараат начини конструктивно да соработуваат со гувернерот Волц и градоначалникот Фреј, како и со државната и локалната полиција, за да се спречи понатамошен хаос и да се постигнат легитимни цели на спроведување на законот“ пишува Обама.
Тој изрази и поддршка на мирните протести што се одржуваат низ десетици градови низ САД, особено во Минеаполис.
„Во меѓувреме, секој Американец треба да ги поддржи и да црпи инспирација од бранот мирни протести во Минеаполис и во други делови од земјата. Тие се навремен потсетник дека, на крајот, на секој од нас како граѓани му припаѓа одговорноста да се спротивстави на неправдата, да ги заштити нашите основни слободи и да ја држи власта одговорна“ се вели во писмената изјава на Обама,
