ОАЕ сакаат да го отворат Ормускиот Теснец по секоја цена

ОАЕ се подготвуваат да помогнат во отворањето на Ормускиот Теснец, вклучително и со можна воена акција, по новата ескалација на кризата со Иран.

Обединетите Арапски Емирати денес најавија дека се подготвени да помогнат во отворањето на Ормускиот Теснец, дури и со воена акција, откако Иран го блокираше клучниот поморски премин и со тоа дополнително ја продлабочи кризата на Блискиот Исток.

Според „Волстрит џурнал“, ОАЕ веќе лобираат за меѓународна поддршка и разгледуваат директна улога во евентуална операција, со образложение дека слободата на пловидба и глобалната економија се доведени во прашање.

Според арапски претставници, Емиратите се обидуваат да обезбедат резолуција во Советот за безбедност на ОН што би овозможила акција за повторно отворање на теснецот. Во исто време, дипломатите од ОАЕ ги повикале САД, како и европските и азиските партнери, да формираат коалиција што би интервенирала ако кризата продолжи.

Овој пресврт означува сериозна промена во односот на ОАЕ кон Иран. Дубаи со години важеше за финансиски центар што одржуваше барем делумна соработка со Техеран, а Емиратите пред војната се обидуваа да посредуваат меѓу САД и Иран. Сега, меѓутоа, по иранските напади и заканите за понатамошна ескалација, ОАЕ сè поотворено се позиционираат на страната на коалицијата што сака да го скрши иранското влијание во регионот.

Ваквиот потег носи и сериозни ризици. Иран веќе ги засили нападите врз ОАЕ, а Техеран се закани дека ќе ја гаѓа критичната инфраструктура на секоја држава од Персискиот Залив што ќе поддржи операции против него. Освен безбедносните опасности, кризата веќе остава силни последици и врз економијата на Емиратите, со пад на воздушниот сообраќај, туризмот и довербата на инвеститорите.

ОАЕ сметаат дека отворањето на овој правец е стратешки приоритет, дури и ако тоа значи вклучување во воена операција. Сепак, аналитичарите предупредуваат дека таква акција би била исклучително сложена, бидејќи за контрола на теснецот не е доволно само да се обезбеди пловниот пат, туку и пошироката околина, што ја прави секоја интервенција ризична и потенцијално долготрајна

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни