Обединетите Арапски Емирати соопштија дека од почетокот на американско-израелскиот судир со Иран кон нивна територија биле лансирани 186 ракети, информираше Министерството за одбрана на земјата.
Портпаролот на Министерството, бригадниот генерал Абдул Насер Мохамед Ал-Хумаиди, изјави дека само една ракета паднала на територијата на ОАЕ. Противвоздушната одбрана пресретнала 172 ракети, додека 13 паднале во морето.
ОАЕ детектирале и 812 ирански дронови насочени кон земјата, од кои 57 паднале на територијата на Емиратите. Останатите 755 дронови биле пресретнати од противвоздушната одбрана. Дополнително, биле детектирани и уништени осум крстосувачки ракети.
Тројца загинати
Од почетокот на судирот во ОАЕ загинале три лица. Регистрирани се 68 случаи на полесни повреди, како и помали до умерени оштетувања на цивилни објекти, изјави портпаролот.
Американско-израелските напади врз Иран започнаа во саботата наутро, по што уследи ирански одговор. Иран лансираше ракети и дронови кон Обединетите Арапски Емирати, Саудиска Арабија, Оман и повеќе други земји од Персискиот Залив.