Прелиминарни резултати од американска воена истрага покажуваат дека САД најверојатно се одговорни за ракетниот напад врз основно училиште во Иран, во кој загинаа најмалку 175 лица, од кои најголем дел се деца, објави „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на американски официјални лица и извори запознаени со истрагата.
Според извештајот, застарени разузнавачки податоци за целите на теренот можеби довеле до погрешно испалување на ракета „томахавк“, што ја доведува во прашање претходната изјава на американскиот претседател Доналд Трамп дека Иран би можел да биде одговорен за нападот на 28 февруари врз училиштето „Шаџара Тајбех“.
Извори вклучени во истрагата велат дека американската Централна команда ги подготвила координатите за нападот врз основа на стари информации добиени од Одбранбената разузнавачка агенција. Тие податоци ја означувале зградата како воена цел, бидејќи во минатото таа била дел од воена база на морнарицата на Иранската револуционерна гарда.
Сепак, извори за „Њујорк тајмс“ нагласуваат дека резултатите од истрагата се сè уште прелиминарни и дека остануваат отворени неколку клучни прашања, меѓу кои и зошто не била направена дополнителна проверка на информациите за целта.
Весникот наведува дека нападот врз училиште полно со деца би можел да биде запаметен како една од најразорните воени грешки во последните децении. Дополнително, се истакнува дека САД се единствената земја во конфликтот која располага со ракети „томахавк“, што дополнително ја насочува одговорноста.
Нападнатото училиште се наоѓа во иранскиот град Минаб, во комплекс од згради што порано ги користела Иранската револуционерна гарда. Самата училишна зграда во минатото исто така била дел од воена база, но според извори блиски до истрагата не е јасно кога точно била претворена во образовна институција.
Визуелната анализа на „Њујорк тајмс“ покажува дека објектот бил одвоен од воената база помеѓу 2013 и 2016 година. Сателитските снимки откриваат дека старите осматрачници биле отстранети, отворени се три јавни влеза, а околниот простор бил целосно уреден, со спортски терени, игралишта и училишни ѕидови обоени во сино и розово.
И покрај овие промени, кодираните разузнавачки податоци што ги користела воената разузнавачка агенција ја означиле зградата како воена цел, по што информацијата била проследена до американската Централна команда, која ја надгледува воената операција.
Според изворите на весникот, кога разузнавачките податоци се застарени, тие треба дополнително да бидат проверени и потврдени од Националната агенција за геопросторни разузнавачки податоци, што во овој случај можеби не било направено.
Откритијата од истрагата дополнително ја комплицираат ситуацијата за администрацијата на Трамп, која веќе се соочува со критики поради обидите да се избегне одговорноста за нападот.