Новото правило на ЕУ границите предизвикува метеж: Патниците би можеле да чекаат со часови

Проширувањето на електронските гранични проверки за патници од трети земји отвори спротивставени реакции меѓу аеродромите и Европската комисија.

Новото правило на Европската Унија, со кое значително се проширува обврската за електронска проверка на идентитетот при влез и излез од Шенген-зоната, би можело да предизвика сериозни доцнења и непријатности за патниците, предупредуваат претставници на европските аеродроми.

Станува збор за системот за влез и излез (Entry/Exit System – EES), кој има цел да го замени печатирањето на пасошите и да овозможи попрецизно следење на престојот на државјани од земји надвор од ЕУ. Системот е во ограничена примена од октомври, но од петокот опфаќа најмалку 35 проценти од патниците од трети земји, а до 10 април треба да биде целосно воведен.

Според новите правила, патниците од земји како Обединетото Кралство и Соединетите Американски Држави, при првото минување на границата, мора да регистрираат отпечатоци од прсти и да направат биометриска фотографија пред да стигнат до граничниот службеник. Токму овие дополнителни чекори, според аеродромските власти, го забавуваат процесот и создаваат гужви.

Извршниот директор на ACI Europe, здружението на европски аеродроми, предупреди дека воведувањето на EES веќе довело до зголемување на времето за гранична обработка и до 70 проценти, со чекања кои во шпицот достигнувале и до три часа. Според него, проширувањето на системот од петокот дополнително ќе ги влоши условите.

Слични искуства потврдуваат и од Аеродромот во Брисел, каде што, како што наведуваат, EES директно влијае врз времето на чекање и ја зголемува потребата од дополнителен персонал. Забележани се подолги чекања и при пристигнување и при заминување на патниците.

Европската комисија, пак, ги отфрла тврдењата дека новиот систем предизвикува хаос. Според портпаролот за внатрешни работи,Маркус Ламерт, EES во голема мера функционирал без сериозни проблеми, дури и во екот на туристичката сезона, а почетните тешкотии биле навремено надминати. Тој додава дека земјите-членки ги демантирале тврдењата за драматично зголемување на времето на чекање.

Сепак, реалноста на теренот во некои земји покажува поинаква слика. Португалската влада кон крајот на декември привремено го суспендираше EES на аеродромот во Лисабон за период од три месеци и распореди воен персонал за да го зајакне граничниот капацитет. Проблеми се пријавени и на аеродромот Фјумичино во Рим, каде што операторот ADR оцени дека условите за примена на системот се „исклучително сложени“.

Шпанското здружение на хотелиери, исто така, побара зголемување на бројот на гранични службеници, предупредувајќи дека е неприфатливо туристите по долги патувања да чекаат по еден час или повеќе за влез во земјата. Шпанското Министерство за внатрешни работи, пак, тврди дека засега нема сериозни редици или инциденти.

Од друга страна, не сите големи аеродроми пријавуваат проблеми. Групацијата ADP, која управува со најголемите аеродроми во Париз, соопшти дека досега не забележала зголемување на времето на чекање ниту нарушување на протокот на патници.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни