Новиот ирански врховен лидер Муџтаба Хамнеи во својата прва јавна порака порача дека Ормускиот Теснец ќе остане затворен и дека Иран ќе се одмаздува за „крвта на мачениците“.
Напади врз бродови и бази
Во Ормускиот Теснец е погоден германски контејнерски брод со проектил, додека во Ирак е нападната италијанска воена база.
Од почетокот на конфликтот биле нападнати најмалку 16 комерцијални бродови, а само во текот на вчерашниот ден шест.
Иран, исто така, објави снимки од воени бродови кои патролираат во регионот, тврдејќи дека има контрола врз Ормускиот Теснец – една од најважните светски поморски рути за транспорт на нафта.
Ограничен премин низ Ормускиот Теснец
Портпаролот на иранското министерство за надворешни работи Есмаил Багаеи изјави дека дел од бродовите сепак можат да минуваат низ теснецот, но само ако претходно ја координираат пловидбата со иранската морнарица.
Тој предупреди дека по последните настани ситуацијата повеќе не може да се врати на состојбата од пред 28 февруари.
Блокадата на овој морски премин речиси целосно го запре поморскиот сообраќај и придонесе за силен раст на цените на нафтата и гасот на светските пазари.
Раст на тензиите во регионот
Во меѓувреме, одбранбените сили на Саудиска Арабија соопштија дека пресретнале дрон насочен кон нафтеното поле Шајбах.
Министерството за одбрана на Обединетите Арапски Емирати објави дека во еден ден пресретнале 10 балистички ракети и 26 дронови кои доаѓале од Иран.
Според нивните податоци, од почетокот на нападите се пресретнати вкупно 278 балистички ракети и повеќе од 1.500 дронови.
Во тие напади загинале шест лица – државјани на Обединетите Арапски Емирати, Пакистан, Непал и Бангладеш.
Напад и врз американска база
Двајца американски војници се ранети во напад со дронови врз воена база на северот на Ирак, која се наоѓа во рамките на меѓународниот аеродром во Ербил.
Во нападот биле лансирани 11 дронови, а еден цивилен контрактор е сериозно повреден.
Според безбедносни извори, од почетокот на американско-израелските напади врз Иран на 28 февруари, врз оваа база биле испукани најмалку 150 дронови, ракети и балистички проектили.
Цената на нафтата повторно над 100 долари
Ескалацијата на конфликтот повторно ја турна цената на нафтата над 100 долари за барел, и покрај обидите на некои земји да ослободат дел од своите стратешки резерви.
Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД „веќе победиле“ во војната, но додаде дека американските сили нема да се повлечат додека „работата не биде целосно завршена“.