Михаил Милошевски новинар на 360 степено, со сторијата „Уште пет града дознаа што им го загадува воздухот – што ќе преземат градоначалниците“, ја доби првата награда на конкурсот на тема „Справување со загадувањето на воздухот во РС Македонија“, организиран денес во Europe House од Здружението на новинарите на Македонија во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), со финансиска поддршка од Шведска.
Втората награда му беше доделена на Бојан Блажевски од Призма за текстот „Властите виновни за занемарувањето на македонската депонија со фосфогипс“, сторија што го отвора прашањето за институционалната негрижа и долгорочните последици по животната средина.
Третата награда ја освои Владимир Калински од Радио Слободна Европа за сторијата „Секој здив боли – сведоштво на пациентка со тешка болест за животот во загадено Скопје“, која преку лична приказна ја прикажува човечката димензија на проблемот.

Посебно признание му беше доделено на Орце Костов од неделникот Фокус за текстот „Ниедна мерка не дава резултат – Скопјани дишат најотровен воздух во Европа“, во кој се анализираат ефектите од досегашните мерки и реалната состојба со квалитетот на воздухот.
На конкурсот годинава биле пријавени вкупно 20 новинарски стории, а за изборот одлучувала тричлена комисија во состав: Горан Момироски, Соња Петрушевска и Един Растодер.
Покрај признанието за професионализмот, истражувачкиот дух и општествената одговорност на новинарите, на настанот беше отворена и поширока дебата за тоа дека, колку и да се значајни ваквите награди, останува загрижувачки фактот што темата за загадувањето на воздухот со години наназад останува актуелна без суштинско подобрување на состојбата.

Беше истакнато дека загадувањето не е само прашање на јавно здравје, туку директно влијае врз секојдневното функционирање на граѓаните – и физички и психички. Токму затоа, беше нагласена важноста на независните истражувачки новинари, кои континуирано ја враќаат темата во фокусот на јавноста, отвораат нови сознанија и вршат притисок врз институциите за поефикасна реакција.

Кратки обраќања имаа претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Младен Чадиковски, постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан, како и амбасадорката на Шведска во Северна Македонија, Ола Солстром. Сите тие ја нагласија храброста и одговорноста на новинарите кои истражуваат теми поврзани со загадувањето и ја потенцираа потребата од силно, независно и истражувачко новинарство.



Младен Чадиковски посочи дека намаленото загадување во изминатите месеци не е резултат на системско решение, туку на надворешни фактори и поволни околности. Токму во тие моменти, нагласи тој, се гледа големината на новинарите кои остануваат посветени на темата, ја продлабочуваат анализата и ја разоткриваат одговорноста, особено кога станува збор за соочување со моќни интереси и притисок врз институциите за побрза реакција.
Организаторите порачаа дека ваквите награди имаат за цел не само да го препознаат квалитетното новинарство, туку и да поттикнат понатамошни истражувања и јавна дебата за системски решенија во борбата против загадувањето на воздухот.