Тензиите на Блискиот Исток повторно се заоструваат откако либанското движење Хезболах соопшти дека извршило неколку ноќни напади со дронови врз Израел.
Според соопштението на Хезболах, цел на нападите биле воени објекти на израелската армија на Голанската Висорамнина, како и база за контрола на воздушниот сообраќај на планината Мерон и воздухопловната база Рамат Давид.
Израелската војска (ИДФ) соопшти дека во 4:43 часот по локално време пресретнала два дрона кои влегле во израелскиот воздушен простор од правец на Либан. Засега нема информации за евентуални жртви или материјална штета.
Во меѓувреме, агенцијата АФП јави дека во иранската престолнина Техеран се слушнале силни експлозии. Над Бејрут, пак, се издигнал густ црн чад, додека Израел соопшти дека започнал нови напади врз воени цели и во Либан и во Иран.
Израелската армија дополнително објави дека нејзини единици делуваат во јужен Либан. Според нив, станува збор за тактички мерки долж границата со цел зајакнување на одбраната, а не за широка копнена офанзива.
„ИДФ работи на создавање дополнителен безбедносен појас за жителите на северен Израел“, се наведува во соопштението.
Последните случувања дополнително ја зголемуваат загриженоста од можна поширока регионална ескалација, во услови кога тензиите меѓу Израел, Иран и сојузниците на Техеран се веќе на високо ниво.