Новата здравствена закана во Европа:Габа отпорна на лекови зема замав низ европските болници, пријавени над 4.000 случаи

C. auris, опасна и леко-отпорна габа, се шири низ европските болници. ЕУ агенцијата за здравје бара итни мерки за нејзино сузбивање. Случаите растат, а детекцијата е слаба.

Габата Candidozyma auris (порано позната како Candida auris), која е отпорна на лекови, се шири „брзо“ низ болниците во Европа, соопшти Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC), повикувајќи на итни мерки за спречување на понатамошна експанзија.

Меѓу 2013 и 2023 година, во Европската Унија и околните земји биле пријавени над 4.000 случаи, а бројките драстично се зголемуваат со текот на времето.

Најмногу случаи се пријавени во Шпанија, Грција, Италија, Романија и Германија, додека Кипар, Франција и Германија неодамна бележат локални епидемии. Во 2023 година, C. auris била откриена во 18 земји.

Зошто е опасна оваа габа?

C. auris лесно се шири низ клиники и болници, особено меѓу веќе болни пациенти, и често не реагира на антимикотични лекови. Освен тоа, габата може да преживее на површини и медицинска опрема, а не реагира на сите типични болнички дезинфекциски средства.

„Во некои региони, C. auris веќе е толку проширена што **веќе не можеме да зборуваме за поединечни епидемии – таа е речиси ендемска во болничките установи,“ изјави Дијамантис Плахурас од ECDC.

Недоволна подготвеност и мониторинг

Од 36 европски земји вклучени во извештајот, само 17 имаат национални програми за надзор на C. auris, а само 15 имаат посебни упатства за спречување и контрола на инфекциите.

Поради тоа, ECDC предупредува дека вистинската бројка на случаи најверојатно е многу поголема, бидејќи недостатокот на лабораториски тестирања и надзор значи дека многу случаи остануваат незабележани.

Како се пренесува?

Габата обично се внесува во болници од пациенти кои претходно биле хоспитализирани во други земји каде што C. auris веќе циркулира. Откако ќе биде откриена во една земја, за неколку години може да стане широко распространета, предупредува Плахурас.

Инфекциите со C. auris не покажуваат специфични симптоми, и можат да се манифестираат како треска и студени треперења, но симптомите зависат од тоа каде е присутна инфекцијата – во крвта, рана или ушите.

ECDC апелира до здравствените системи низ Европа да ја засилат раната детекција, контролата и дезинфекцијата, бидејќи C. auris претставува реална закана за безбедноста на пациентите во болничка средина.

„Станува збор за многу загрижувачки феномен и вистинска закана по здравјето на пациентите низ болниците во Европа,“ заклучува Плахурас.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни