Според германското Министерство за внатрешни работи, околу 640 Авганистанци кои моментално престојуваат во Пакистан и чекаат трансфер во Германија ќе добијат официјално известување дека „повеќе не постои политички интерес за нивен прием“. Одлуката е донесена од новата влада предводена од канцеларот Фридрих Мерц.
Промена на миграциската политика
Новата владејачка коалиција, составена од ЦДУ, ЦСУ и Социјалдемократската партија, во коалицискиот договор се обврзала да ги укине, колку што е можно, програмите за преселување. Со тоа се повлекуваат обврските преземени од претходната влада, која по преземањето на власта од страна на талибанците во 2021 година вети заштита за авганистански активисти за женски права, новинари, адвокати и други лица изложени на ризик.
Новиот министер за внатрешни работи, Александер Добринт, ги оцени овие обврски како „наследени прашања“ и најави рестриктивен пристап кон идните приеми.
Погодени и локалните соработници
За првпат, одлуката ги погоди и програмите за преселување на локални соработници кои работеле за германски институции во Авганистан. Хуманитарната организација „Kabul-Luftbrücke“ соопшти дека околу 130 лица и нивните семејства, иако веќе добиле позитивни одлуки, биле информирани по електронска пошта дека нивниот прием е одбиен.
Во пораките, испратени од германската развојна агенција ГИЗ, се наведува дека по дополнителна проверка „не постојат правни основи за прием според член 22 од Законот за престој“, без да се објасни конкретната причина за ваквиот пресврт.
„Трајна одговорност“, но со ограничувања
Министерот Добринт изјави дека Германија ќе ги исполни само правно обврзувачките ветувања за прием и дека државата има „трајна одговорност“ кон таканареченото локално персонал. Сепак, тој нагласи дека приемот е можен исклучиво по спроведување безбедносна проверка.
Според официјалните податоци, од 2021 до април 2025 година Германија примила околу 4.000 локални соработници и речиси 15.000 членови на нивните семејства.
Трка со времето и правна битка
Ситуацијата е дополнително влошена поради најавите на пакистанските власти дека кон крајот на годината би можеле да ги вратат Авганистанците во земјата, односно под власт на талибанците. Иако неколку стотици лица веќе се преселени, околу 1.000 сè уште чекаат без јасна перспектива.
Досега, според „Kabul-Luftbrücke“, 84 тужби против германската држава завршиле успешно, додека уште 195 случаи се во тек. Хуманитарните организации предупредуваат дека долгата неизвесност претставува сериозен психолошки притисок врз погодените лица.
Повик за хуманитарен пристап
Околу 250 организации, меѓу кои „Human Rights Watch“ и „Pro Asyl“, упатија отворено писмо до министерот Добринт, барајќи до крајот на годината Германија да ги прифати загрозените авганистански семејства. Според нив, оваа одлука претставува „тест за веродостојноста, хуманоста и одговорноста на германската влада“.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека засега погодените лица ќе можат да останат во привремено сместување во Пакистан, додека границата со Авганистан е затворена, но истовремено им се нуди и можност за враќање во Кабул, иако нивната иднина таму останува неизвесна.
Извор: Index.hr
