Нова патна дозвола за ЕУ: Македонците ќе плаќаат 20 евра наместо 7

Европската унија наскоро ќе воведе нов систем за гранична контрола под името ETIAS (European Travel Information and Authorisation System), кој директно ќе влијае врз граѓаните на Северна Македонија и другите земји кои имаат безвизен режим со ЕУ, но не се членки на Унијата или шенген-зоната.

Според ETIAS, сите што моментално можат да патуваат во ЕУ без виза — вклучувајќи ги и македонските државјани — ќе мораат да поднесат онлајн барање за електронска дозвола за патување пред заминување. Оваа мерка се однесува на туристички и други краткорочни престои.

Патување без дозвола — повеќе нема да биде можно

Најдоцна до крајот на 2026 година, граѓаните на Северна Македонија ќе мора да:

  • Пополнат онлајн формулар со лични податоци и информации за планираното патување
  • Внесат број на пасош
  • Платат 20 евра по барање

Одобрувањето ќе важи три години или до истекот на пасошот, а во повеќето случаи ќе се добива автоматски за неколку минути. Сепак, кај некои случаи, обработката може да трае и до 30 дена.

Кој е ослободен од плаќање?

  • Малолетници до 18 години
  • Лица постари од 70 години
  • Членови на семејства на државјани на ЕУ кои имаат право на слободно движење

Дел од поширока реформа на граничната контрола

ETIAS е само дел од пошироката стратегија на ЕУ за контрола на надворешните граници. Пред него, во октомври 2025 година, се планира да стапи во сила системот EES (Entry/Exit System), кој ќе го евидентира секој влез и излез од шенген-зоната со скенирање на лице и отпечатоци од прсти.

Зголемувањето на таксата од 7 на 20 евра ЕК го оправдува со инфлацијата и дополнителните технички трошоци. Системот ETIAS е усогласен со слични програми како ESTA во САД и ETA во Велика Британија.

Што значи ова за македонските граѓани?

Патувањата во ЕУ повеќе нема да бидат возможни без претходна регистрација и одобрение. Тоа значи нови административни процедури, дополнителни трошоци и потреба за планирање однапред — дури и за кратки туристички патувања.

Критичарите сметаат дека ова ќе го отежне слободното движење на граѓаните од Западен Балкан, кои децении наназад патувале во ЕУ без значајни пречки.

Кого сè го опфаќа ETIAS?

Новата обврска важи за сите држави кои имаат безвизен режим со ЕУ, но не се дел од Унијата или шенген-зоната. Тоа значи дека, покрај Северна Македонија, ETIAS ќе важи и за граѓаните на:

  • Србија
  • Црна Гора
  • Албанија
  • Босна и Херцеговина
  • Молдавија
  • Украина
    …и други држави со сличен статус.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни