Нова меѓународна номинација за „Приказната за Силјан“ по три години снимање во екстремни услови

Документарниот филм „Приказната за Силјан“, откупен за глобална дистрибуција од National Geographic Documentary Films, продолжува да го гради својот впечатлив меѓународен пат.

Филмот во режија и продукција на Тамара Котевска, заедно со директорот на фотографија и продуцент Жан Дакар (Jean Dakar), доби ново престижно признание, номинација за PGA Awards (Producers Guild of America) во категоријата Outstanding Producer of Documentary Motion Pictures, едно од најзначајните одликувања во светот на документарниот филм.

Признание за автори што го живеат филмот

PGA наградите имаат особена тежина затоа што го вреднуваат трудот на авторите кои во документарниот процес преземаат повеќекратни улоги, од продукција до снимање, истражување и теренска координација. Во овој случај, номинацијата е признание за исклучителната упорност и посветеност што стојат зад филмот.

Во изминатите два месеца, низ премиери и дискусии на светски фестивали, публиката првпат видливо го согледа обемот на вложеното. „Приказната за Силјан“ е резултат на три години континуирано снимање во екстремни услови, живот на терен, спиење на депонии во адаптирано комбе, следење на миграциите на штрковите, како и работа без формален буџет и без традиционална продукциска поддршка. Токму оваа издржливост, креативна храброст и физичка пожртвуваност Producers Guild of America ја препозна како суштински дел од т.н. total filmmaking, процес во кој авторите го носат филмот од првиот до последниот кадар.

„Оваа номинација можат вистински да ја разберат само оние што го живеат филмот. За нас, таа е признание за сите денови, ноќи, чекања, жртви и години посветени на оваа приказна и за довербата што ни ја дадоа протагонистите,“ велат Котевска и Дакар во заедничката изјава.

Камера што станала дел од светот кој го документира

Снимањето не било само техничка авантура, туку и длабоко човечко вкоренување во заедницата. Месеците минати со протагонистите и со белите штркови создадоа единствена атмосфера во која камерата незабележливо станала дел од секојдневието. Личниот пристап, изграден врз доверба и време, е препознатлив печат на Котевска и Дакар: да им се дозволи на приказните да се развијат природно, без наметливост.

Глобален успех и засилена оскаровска кампања

„Приказната за Силјан“ се етаблира како едно од најзначајните документарни остварувања годинава. Филмот освои две награди на IDA Documentary Awards за најдобар документарен филм и најдобра камера и имаше премиери на водечките фестивали во Венеција и Торонто. По бројните проекции во САД и Канада, претстојат и британските премиери.

Откупот од National Geographic Documentary Films значително го зајакна глобалниот досег на филмот, особено во периодот на актуелната оскаровска кампања.

PGA Awards традиционално претставуваат еден од најсилните индикатори за успех на Оскарите номинираните и добитниците често ги вклучуваат и финалистите за највисоката филмска награда.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни