Нова ѕвезда на американската левица: Зохран Мамдани го освои Њујорк

Зохран Мамдани, 34-годишен демократски социјалист, е избран за нов градоначалник на Њујорк. Со политика за пристапни станови, бесплатни услуги и поддршка од синдикати, тој стана симбол на американската прогресивна левица
epa12504017 Mayor-elect of New York City Zohran Mamdani speaks during an election night party hosted by the Democratic nominee in the Brooklyn borough of New York, USA, 4 November 2025. Mamdani has defeated Andrew Cuomo to win the New York mayoral election. EPA/SARAH YENESEL

Граѓаните на Њујорк го изненадија светот избирајќи го 34-годишниот Зохран Мамдани за свој нов градоначалник. Овој досегашен пратеник во државното собрание победи со речиси 50% од гласовите, додека поранешниот гувернер Ендру Куомо освои околу 41–42%, а републиканецот Кертис Слива 7–8%. Изборите беа одбележани со рекордно висока излезност – втора највисока во последните 50 години.

Мамдани уште во јуни 2025 ја доби внатрепартиската трка кај демократите, победувајќи го искусниот Куомо со 56% наспроти 44%. По поразот, Куомо продолжи да се кандидира како независен. Главните теми на кампањата на Мамдани беа пристапно домување, јакнење на јавните услуги и социјална политика. Тој се залагаше за замрзнување на кириите во регулирани станови, изградба на евтини домови, бесплатен градски автобуски превоз, универзални бесплатни градинки и зголемување на минималната плата на 30 долари до 2030 година.

Во плановите беа и повисоки даноци за богатите и корпорациите, реформа на јавната безбедност и заштита на правата на ЛГБТ-заедницата. Кампањата се засноваше на идејата „прифатливост на животот во градот“, што му донесе голема поддршка од работничките и имигрантските заедници, како и од младите.

Политички, Мамдани е специфичен затоа што се идентификува како демократски социјалист. Член е на Демократската партија, но и на Работничката партија и Демократските социјалисти на Америка (DSA). Популарност стекна меѓу младите Њујорчани кои се соочуваат со високи трошоци за живот и недостапни станови. Огромна улога во успехот има поддршката од синдикатите. По неговата победа во партиската трка, за него застанаа најголемите синдикални организации во градот – од хотелските и медицинските работници, до просветните, комуникациските и градските работници.

Кампањата беше жестока: Мамдани го критикуваше Куомо за блискоста со корпорациите и игнорирањето на социјалните проблеми, додека Куомо го напаѓаше Мамдани поради неговото богато семејно потекло и недостаток на управувачко искуство. Во преден план беа темите за безбедноста и политиката кон Израел и Палестина – Мамдани отворено ги поддржуваше палестинските позиции, што привлече критики, но успеа да избегне обвинувања за антисемитизам.

Поддршка доби од Берни Сандерс и Александрија Окасио-Кортез, како и од неколку високи демократи, иако дел од естаблишментот беше воздржан. Републиканката Елис Стефаник го нарече „кандидат на џихадистите“ поради неговото исламско потекло.

Американската левица сега внимателно ќе ги следи неговите потези. Ако успее да реши дел од хроничните проблеми на Њујорк – безбедност, чистота, домување, животен стандард – тоа може да ја легитимира левичарската политика на национално ниво. Доколку не успее, тоа ќе биде тежок удар за прогресивното крило на Демократската партија.

Кампањата на Мамадани беше жестока, особено поради неговите ставови за Палестина и критиките на политиките на Израел, но Мамдани успеа да ги избегне најголемите политички замки.

Сега пред него стои многу поголем предизвик – да покаже дека левичарската агенда може да функционира во најголемиот град во САД. Од неговиот успех или неуспех ќе зависи и иднината на прогресивното крило на Демократската партија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни