Руските ракетни и беспилотни летала утрово убија две лица, а неколку други беа повредени во неколку области на Украина, објавија локалните власти.
Локалните власти во Дњепропетровск соопштија дека во нападите загинале две лица, а седум биле повредени. „Избувнале пожари. Оштетени се станови и приватни згради, помошна зграда, продавница и автомобил“, додадоа властите.
Изминатата ноќ, Русите исто така, го нападнаа и Киев, оштетувајќи згради и домови во неколку населби. Осум лица биле повредени во тој напад.
„Експлозии во главниот град. Градот е под балистички напад. Ве молиме побарајте засолниште“, рече градоначалникот на главниот град, Виталиј Кличко, на Телеграм, додавајќи дека осум лица се повредени.
Пожари избувнале во областите Десњански и Дарнички, но немало погодени куќи, додава Кличко.
„Воздушната одбрана е активна во Киев. Непријателот го напаѓа градот со ракети“, рече началникот на Воената администрација на градот Киев, Тимур Ткаченко.
