Нов план на ЕУ за мигрантите – Хрватска меѓу земјите со посебен третман

Европската унија усвои нов механизам за распределба на миграцискиот товар меѓу земјите членки, според кој група држави, меѓу нив и Хрватска, ќе имаат посебен статус и ќе можат привремено да бидат изземени од задолжителен прием на дополнителни мигранти.

Покрај Хрватска, во групата се вклучени и Германија, Белгија, Бугарија, Естонија, Франција, Финска, Ирска, Литванија, Латвија, Холандија и Полска. Според анализата на европскиот комесар за внатрешни работи Магнус Брунeр, овие земји веќе подолг период носат голем дел од товарот поврзан со згрижување на азиланти и се изложени на зголемен миграциски притисок.

Земји со право на изземање

До крајот на 2026 година, државите од оваа група ќе можат да побараат делумно или целосно ослободување од обврската за прием на мигранти, како дел од т.н. механизам на солидарност. Наместо тоа, тие ќе можат да придонесуваат преку финансиски средства или материјална поддршка за земјите кои се најмногу погодени од новите миграциски бранови.

Европската комисија во извештајот посочува дека Грција, Кипар, Шпанија и Италија остануваат земји под најголем притисок и ќе имаат право на дополнителна помош од партнерите во Унијата. Тие се соочуваат со најголем број пристигнувања преку Средоземното Море и со значителен број барања за азил.

Нови обврски и мерки на границите

Во рамките на реформата на заедничката азилна политика (GEAS), земјите на надворешните граници на ЕУ ќе имаат обврска да вршат регистрација и безбедносни проверки на новопристигнатите мигранти, како и да спроведуваат побрзи постапки за азил во специјализирани центри под зголемен надзор.

За подобрување на техничката опрема и надзорот на границите, ЕУ издвојува 250 милиони евра, меѓу другото и за набавка на дронови и системи за следење на зелените граници.

Комесарот Брунeр нагласи дека строгата миграциска политика веќе дава резултати, наведувајќи дека незаконитите преминувања на границите се намалени за 35% во изминатата година.

Цел: правична распределба на одговорностите

Извештајот, кој претставува основа за спроведување на реформата, е клучен дел од планот за попрaвична распределба на миграцискиот товар меѓу земјите членки. Европската комисија ги анализирала бројот на барања за азил, економската сила и населението на секоја земја за да го утврди нивото на одговорност и помош.

Новиот систем има за цел да го спречи движењето на мигрантите кон земјите од северна и западна Европа и да го зајакне управувањето со азилните постапки на надворешните граници на Унијата.

За предложените мерки ќе се расправа во наредните месеци меѓу земјите членки, а одлуките треба да бидат усвоени пред крајот на 2026 година.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни