Украина извршила нов масовен напад со дронови врз Москва втора ноќ по ред, соопштија во вторникот руското Министерство за одбрана и градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин.
Според официјалното соопштение, руската противвоздушна одбрана уништила 17 украински дронови во текот на ноќта – еден кој летал кон Москва, 13 над областа Калуга, која граничи со Московската област на североисток, и три над Брјанската област, во близина на границата со Украина.
Градоначалникот Собјанин изјави на Телеграм дека итните служби се испратени на местото каде што паднал дронот насочен кон Москва.
За сега нема извештаи за штета или жртви, но Русија ретко го објавува целосниот обем на украинските напади врз нејзината територија, освен кога се погодени цивили или цивилни објекти.
Гувернерот на Брјанската област, Александар Богомаз, потврди дека еден цивил е хоспитализиран поради последици од нападот.
Ова е втор напад на Украина со дронови врз Москва за само два дена – во понеделникот Русија соопшти дека уништила 34 украински дрона насочени кон главниот град.