„Нормално“ е новата лага

Во оваа реалност, „нормалното“ е договорена илузија создадена за контрола, а прилагодувањето е највисокиот израз на лојалност кон системот.

Во општество кое одамна престана да го разликува здравото од прифатливото, „нормално“ е новата лага.  Во политичко и општествено опкружување каде формата ја надвладува суштината, „нормалното“ стана инструмент за одржување на статус кво.

Она што некогаш беше знак на стабилност, денес е показател за инерција и пасивна согласност. Се прилагодуваме на шаблони што никој не ги поставил со љубов, туку со страв — страв од исклученост, од губење на припадноста, од ризикот да бидеме различни.

Живееме во култура во која конформизмот се претставува како зрелост, а критичноста како девијација. Така го градиме животот според туѓи очекувања — не затоа што се вистински, туку затоа што се општествено прифатени. И на тој начин, „нормалното“ престана да биде вредносна категорија и стана мерка за покорност.

Некогаш „нормалното“ беше мерка за ред. Денес е изговор за пасивност.

Нормално е да имаш партиска книшка за да се вработиш.

Нормално е да се помириш со медиокритетот околу себе — затоа што општеството одамна ја замени извонредноста со прилагодливостa.

Нормално е да живееш во загадена животна средина и да се убедуваш дека тоа е цената на модерноста.

Нормално е да бидеш општествено послушен, да не се бунтуваш, затоа што бунтот сè уште се смета за непристојност.

Нормално е да останеме поделени по социјални класи, бидејќи на елитите им одговара народот да не се разбира меѓусебно.

Зад секојдневната фасада на „снаоѓање“ се крие тивка битка со очекувањата, стравот и чувството дека постојано нешто недостига. Во ваков контекст, нормалноста стана форма на социјален притисок, не на заеднички напредок.

Нормално е да имаш кредит за живеалиште, затоа што поинаку не можеш да си дозволиш дом.

Нормално е да работиш во услови на психолошки притисок и да не пријавиш мобинг.

Нормално е да дипломираш, а дипломата да не вреди повеќе од празна хартија.

Нормално е да останеш во институционална неправда, затоа што системот не те гледа како човек, туку како број.

Нормално е да дадеш мито, затоа што системот одамна е поставен така — да функционира само кога некој ќе го „поттурне“.

Нормално е да прифатиме сиромаштија како судбина, а не како последица на корупција и нееднаквост.

Во општество каде што државата ја претвори секоја услуга во трговија, корупцијата не е исклучок, туку правило; не е девијација, туку инфраструктура.

„Нормалното“ се проткаја во секој дел од нашиот живот — од приватниот до професионалниот, од креветот до работното биро — создавајќи невидлива мрежа на очекувања што го обликува нашето однесување, мислење и чувства. Ова „нормално“ не е природно – тоа е резултат на систем што психолошки те репресира. Систем што не те учи да мислиш, туку да се прилагодуваш; што те наградува за тишината, а не за идејата. Зошто идејата значи пркосење на стандардот. 

Нормално е да имаш брак до триесеттата, затоа што „така треба“.

Нормално е да имаш деца, а не е нормално да не можеш да ги имаш.

Нормално е да останеш во брак што не те прави среќна, затоа што општеството повеќе ја цени стабилноста отколку искреноста.

Нормално е жената да го чува детето и да се откаже од самата себе, затоа што жртвата сè уште се смета за нејзина природна одлука.

Нормално е другите луѓе да знаат повеќе за тебе отколку што знаеш ти за себе.

Нормално е да молчиш, затоа што секое искрено мислење звучи како провокација.

Нормално е да не зборуваме за табу теми, бидејќи вистината ја вознемирува масата.

И на крај — нормално е да ја напуштиш државата, ако одбиеш да ја прифатиш оваа верзија на нормалното.

Она што општеството го нарекува „нормално“, е најчесто одраз на колективен компромис, не на индивидуална зрелост. И токму затоа, нормалното повеќе не е прашање на здрав разум, туку на политичка и морална покорност.

Време е да ја ослободиме нормалноста од туѓите очекувања. Да ја редефинираме – не како општествена обврска, туку како лично чувство на мир. Да разбереме дека здравото општество не се гради со конформизам, туку со свесност; не со молк, туку со искреност.

Да не се плашиме да изгледаме „ненормално“, ако тоа значи да живееме вистински. Затоа што најголемата храброст денес не е да бидеш како сите — туку да останеш свој, дури и кога светот ќе ти каже дека тоа не е „нормално“.

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни