Њујорк воведува правни набљудувачи со виолетови елеци: Ќе ги следат и снимаат агентите на ICE

Њујорк формира тим правни набљудувачи со виолетови елеци кои ќе ги следат и снимаат агентите на ICE, по ескалацијата на федералните операции и немирите во Минеаполис.

Сојузната држава Њујорк формира тим од правни набљудувачи кои ќе носат виолетови елеци и ќе ги следат и снимаат федералните службеници задолжени за спроведување на имиграциските закони, изјави главната државна обвинителка на Њујорк, Летиција Џејмс.

Мерката доаѓа како реакција на неодамнешните насилни немири во Минеаполис, каде што американскиот претседател Доналд Трамп распореди илјадници вооружени и маскирани агенти на Имиграциската и царинската служба (ICE), во обид да спроведе масовни депортации, во поголем обем од кој било негов претходник.

Џејмс појасни дека новите правни набљудувачи ќе бидат волонтери од нејзиниот кабинет, обучени да набљудуваат без да се мешаат во работата на федералните служби, со цел да утврдат дали спроведувањето на имиграциските мерки од администрацијата на Трамп се одвива „во рамките на законот“.

„Горда сум што ги штитам уставните права на жителите на Њујорк – слободно да зборуваат, мирно да протестираат и да ги живеат своите животи без страв од незаконски федерални дејствија“, соопшти демократката Џејмс.

Таа предупреди дека случувањата во Минесота покажале колку брзо и трагично можат да ескалираат федералните операции кога нема доволно транспарентност и одговорност. Американското Министерство за внатрешна безбедност, кое ја надгледува работата на ICE, остро реагираше, обвинувајќи ја Џејмс дека со ваквиот пристап ја доведува во опасност безбедноста на жителите на Њујорк.

„Агентите на ICE немаше да мораат да дејствуваат на терен во Њујорк доколку постоеше соработка на државно и локално ниво“, изјави Триша Меклафлин, портпаролка на Министерството за внатрешна безбедност.

Трамп тврди дека депортацијата на голем број мигранти, вклучително и на лица кои легално престојуваат во САД, е неопходна за намалување на криминалот, иако ваквите тврдења често не се совпаѓаат со официјалните статистики за криминал.

Во јануари, за време на агресивната примена на депортациските мерки во Минеаполис, федерални службеници убија двајца американски државјани – Рене Гуд и Алекс Прети. По тие настани, демократските лидери во Минесота, Илиноис и Калифорнија ја обвинија администрацијата на Трамп дека отишла предалеку и ги прекршила уставните права и на мигрантите и на американските граѓани, вклучително и правото на набљудување и протест против владините активности.


е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни