Тужбата од 327 страници е насочена кон матичните компании на Facebook, Instagram, TikTok, Snapchat, Google и YouTube, наведувајќи дека тие создале функции кои ги тераат младите корисници постојано да скролаат, што доведува до депресија, анксиозност, осаменост и ниска самодоверба кај младите луѓе.
Градот тврди дека технолошките гиганти намерно ги таргетирале деца и тинејџери заради профит, иако знаеле дека тие се особено ранливи на зависноста предизвикана од функции како бесконечен алгоритамски фид и непрекинати нотификации што ги тераат корисниците повторно и повторно да ги проверуваат своите профили.
„Наместо да фрлаат пари во апарати за среќа, децата ги хранат социјалните мрежи со бесконечна количина на внимание, време и податоци,“ наведува во тужбата градот.
Исто така, се тврди дека технолошките компании „долго време знаеле за истражувањата кои поврзуваат користење на нивните апликации со штета по благосостојбата на корисниците, но решиле да ги игнорираат или потиснат.“
Тужбата е поднесена во федералниот суд во Менхетен и бара надомест на штета. Компаниите се обвинети за груба небрежност и предизвикување јавна штета (public nuisance).
Оваа тужба се приклучува на неколку други случаи поднесени од влади на сојузни држави, училишни окрузи и индивидуи низ САД, кои исто така поведоа правни постапки против технолошките гиганти од слични причини.
Овие постапки доаѓаат во време на сè поголема загриженост на глобално ниво за влијанието на социјалните мрежи врз младите луѓе. Само оваа недела, данската премиерка Мете Фредериксен предложи забрана за користење социјални мрежи за деца под 15 години, што е сличен потег како во други европски земји.
Компаниите споменати во тужбата не одговориле на барањата за коментар испратени од Euronews Next.